| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се отворат центри за ран детски развој во девет нови општини

На 96-та седница Владата одлучи општините да добиваат финансиска поддршка за подмирување на долговите. Ќе се отворат центри за ран детски развој во 9 нови општини, а книжевното творештво ќе биде претставено на саемите во Франкфурт, Тирана и во Пула.

На редовната 96-та седница, Владата на Република Македонија ги усвои предлог – законот за финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и единки корисници основани од единиците на локална самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски, како и предлог – законот за изменување и дополнување на законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, соопштија од Владата.

Со првиот закон се уредува финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита за финансирање на доспеани, а неплатени обврски. На овој начин ќе се подмират 51% од вкупниот пријавен износ заклучно со месец септември 2018 година, а за оваа намена со ребалансот на буџетот на Република Македонија се обезбедени 3.032.383.086 денари.

Со предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се врши измена со која се ограничува планирањето на сопствените приходи на основниот буџет на општината. Општините сопствените приходи ќе може да ги планираат до најмногу 10% од просечните приходи во последните 3 години. Доколку буџетот на општината не е изготвен во согласност со овие измени истиот нема да биде впишан во трезорот на Министерство за финансии. Дополнително, измените на законот за финансирање на ЕЛС предвидуваат зголемување на транспарентноста – општините на своите интернет страници ќе мора да објавуваат кому исплатиле и колку пари потрошиле.

Денеска, министрите ја прифатија информацијата за текот и прогресот за отворање на центрите за ран детски развој во соработка со УНИЦЕФ во Република Македонија. Во периодот од 2014 до 2016 година се отворени 29 вакви центри во 15 општини. Од нив, 4 се јавни установи за деца – центри за ран детски развој, а 25 се во состав на установите за деца – детски градинки. Досега се опфатени вкупно 1345 деца. Дополнително, според повикот на Канцеларијата на УНИЦЕФ во февруари 2017 година, девет нови општини во Република Македонија ќе бидат поддржани од УНИЦЕФ за отворање на центри за ран детски развој, односно: Радовиш, Струга, Кривогаштани, Виница, Гостивар, Охрид, Кочани, Тетово и Куманово.

Центрите за ран детски развој спроведуваат програма за ранo учење и развој на деца од предучилишна возраст од три до шест години, во локалните заедници каде што нема установи за предучилишно згрижување на деца, а пред се во руралните и маргинализираните средини

На денешната седница, Владата ја прифати и предлог – програмата за дополнување на програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018 година. Дополнувањето на програмата предвидува набавка, испорака и монтажа на опрема за детска градинка во општината Карпош, како и за два објекти за детска градинка во општина Кавадарци.

Воведување на функцијата заменик директор на Агенцијата за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД, предвидуваа предлог – законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, којшто денеска го усвои Владата. Оваа потреба произлегува од обемноста на овластувањата на директорот и потребата од постојана присутност. За спроведување на законот, односно за обезбедување плата и други надоместоци за заменик на директорот, годишно ќе бидат потребни 802.000 денари.

Како материјал за информирање, Владата ја разгледа информација за претставување на книжевното творештво на авторите од Република Македонија на меѓународните саеми за книга. Согласно Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот од 2018 до 2022 година, која предвидува мерки за унапредување на литературната и издавачката дејност на национално и на меѓународно ниво, министерството за култура е организатор на претставувањето на нашата земја на неколку меѓународни саеми на книгата во светот. Во таа насока, авторите од Република Македонија и нивното творештво, оваа година ќе бидат претставени на саемите во Франкфурт, Тирана и на саемот во Пула.

Меѓу одлуките на денешната владина седница е и информацијата за иницијативата за потпишување на Меморандум за соработка за воспоставување на Меѓународен институт за обновливи технологии во Југоисточна Европа, како и текстот на овој меморандум. Притоа, Владата го овласти Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на економските ресори, Кочо Анѓушев да го потпише Меморандумот за соработка за воспоставување на Меѓународен институт за обновливи технологии во Југоисточна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top