| четврток, 6 декември 2018 |

Несилките на златни јајца (на сигурно!) – во демократски полициски кокошарник

Дали токму „осумтемина“ ќе добијат заевски цинична задача да ги предложат црните ништителски амандмани на Уставот?

 Алдо Климан

Хуманоста на Заев и неговата свест за важноста на почитување на правната држава немаат граници.

Најнапред покажа големо разбирање за човечките права и без збор им овозможи на обвинетите да излезат од притвор за да ги реализираат своето најважно граѓанско право и својата должност, но и нивните неспитомливи, искрени, безрезервни желби да гласаат за отворање на процесот за промена на Уставот на Република Македонија.

Кога професионално ја свршија таа работа, се разбира, без какви и да е уцени и притисоци, Заев веднаш ја покажа и својата одговорност кон правната држава и изјави дека независно од тој нивен совесен и доброволен чин, обвиненијата остануваат и судските процеси што се водат против нив и натаму ќе си продолжат. За него обвинетите не се виновни додека не им се докаже вината, а тоа е работа на судовите, и тој во тоа нема да се меша.

Веднаш потоа повторно проработија неговата хуманост и грижа за обичниот човек, и тој нареди со јаки полициски сили слободномислечките пратеници да се препратат до нивните домови, и таму да се распоредат специјални единици и добро да ги чуваат, за не дај Боже некој да не ги нападне, или уште пострашно, да ги навреди како предавници.

Така сега тие се на сигурно! Никој не може да им пријде и нешто да им наштети. На ист начин и банкарите со најдобри секјурити мерки ги чуваат своите банки и своите најважни и најголеми влогови. А моментално осумтемина бивши вмровски пратеници се апсолутно најголемиот влог во заевската мангупска политичка банка. Тоа се осум скапоцени кокошки несилки на златни фабержеовски јајца ставени на сигурно во демократски полициски кокошарник. Тие мора да се чуваат на број, како осум капки вода на длака, како осум очи во главата, а од време на време, онака како што ќе се одвива процесот на носењето промени на Уставот, така и тие во парламентот ќе несат крупни златни јајца за Заев.

Но јасно е дека неизмерната државничка широчина на тој европски лидер од формат не можеше да остане само на тоа. Тој како модерен евро-атлантски демократ даде на знаење дека очекува тие слободномислечки, неуценети и непоткупени пратеници – а сѐ за добро на државата! – сосема активно да се вклучат и во предлагањето, донесувањето и усвојувањето на амандмани за промена на Уставот.

Па дури и многу повеќе: бидејќи сите тие доаѓаат од редовите на опозицијата, така што во тој и таков благородно организиран и партнерски солидарен парламент, а според највисоките западни стандарди и вредности, ќе се оствари и највисок степен на демократија и национално заедништво, најверојатно Заев великодушно, од сѐ срце, ним ќе им ја довери и најважната историска улога, токму тие слободномислечки, неуценети и непоткупени пратеници со своја уста да ги предложат оние најсудбоносни, пресвртнички амандмани со кои ќе се избрише постоењето на македонскиот народ и на Република Македонија. Заев како Заев, едноставно не би можел да живее со тоа себично и безобѕирно да ја задржи само за себе големата историска одговорност и слава за гасењето на својот народ и на својата држава, и да не ја сподели со почитуваната опозиција која, ете, доаѓајќи во оној кобен петок во Собрание на гласање, му подари осум неизмерно скапоцени несилки нa златни фабержеовски јајца, од кои веќе и испадна само тоа што можеше да испадне – неподносливо смрдлив политички омлет што, онака демократски, во големи одвратни оброци ќе го лапаме цела оваа зима, до повраќање.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top