| четврток, 6 декември 2018 |

ИЗОЛИРАНА ЗЕМЈА, ИЗОЛИРАН НАРОД

Доброутро, бедни велепредавници! Се наспавте ли со својата погана нечиста совест, додека цела Македонија и сите македонци каде и да нѐ има низ светот не можеа да склопат око од тага, болка и срам? Ете, го добивте она што веднаш или набргу ќе го изгубите, но го изгубивте она што никогаш веќе нема да го добиете!

 Алдо Климан

Безочно и крвнички ни се закануваа: или „Планот А“, Договорот со Грција – те. сопствено национално самоукинување и цивилизациска смрт на македонскиот народ и на Република Македонија – или изолација. Меѓународното политичко и секакво друго насилство и подмолност од невидени размери и со надреален замав, од една страна, и тешката македонска автоимуна болест – велепредавството, од друга, бесно го истуркаа кобниот поробувачки „План А“, па според тоа не би требало да бидеме „ставени во изолација“. Но, за жал, во прашање е токму спротивното: од сношти, од најмрачните можни политички и морално криминални настани во Собранието, во тој сега по втор пат (и засекогаш!) обесчестен и извалкан свечен Дом на некогашната македонска демократија – Република Македонија е сосема ИЗОЛИРАНА ЗЕМЈА, а македонскиот народ е ИЗОЛИРАН НАРОД! Синоќа е означен крајот на нашето изворно македонско време, и почеток на некое туѓинско сурогат-време, без крв, месо, боја и мирис, време без значење. Време на тешка македонска изолација.

Република Македонија и македонскиот народ се изолирани од својот државен и национален суверенитет, од своето достоинство и од својата слобода.

Република Македонија и македонскиот народ се изолирани од своето национално културно-историско минато и од својата национална културно-историска иднина на таа иста национална културно-историска трага, со крв, страдања и солзи впишувана и впишана низ вековите.

Република Македонија и македонскиот народ се изолирани од својот ентитет и од својата национална чест.

Република Македонија и македонскиот народ се изолирани од своето историско и уставно име.

Република Македонија и македонскиот народ се изолирани од правната држава и од правдата.

Република Македонија и македонскиот народ се изолирани од своите политички и медиумски слободи.

Република Македонија и македонскиот народ се изолирани од вистината пред домашната и пред светската јавност.

Република Македонија и македонскиот народ се бесчувствително изолирани од своите македонски чеда, сестри и браќа, кои како национално малцинство живеат во соседните земји и насекаде низ целиот свет.

Македонскиот народ е изолиран од својот стар, преубав, мајчин македонски јазик, од својата преубава, славна македонска народна песна!

Околу Република Македонија и околу македонскиот народ повеќеслојно и во разни насоки е обвиткана дебела, црна, непроѕирна изолир-лента на туѓински колонијални посегања, политики, цели и интереси.

Врз Република Македонија и врз името македонка, македонец на сите карти во светот и во сите меѓународни документи ќе биде залепена црна изолир-етикета со некој друг, фашистички наметнат натпис кој значи само едно – горчливо и тегобно ропство!

Вештачки новосоздадената и новоименувана квази-државна творба, наместо Република Македонија, ќе биде ужасно болно место во душата на македонскиот народ, како пломбиран заб со подмолен, невидлив кариес, идиотски нестручно изолиран од еден глуп забар-дилетант, кој се нафатил „да го лекува“, со своите подеднакво глупи асистенти: кон надвор, „за сликување“, ќе светка божемната евро-натовска пломба со ѕвездичка, додека под неа црниот, подмолен диктаторски и коруптивен кариес, изолиран од сѐ што е морално и нормално, само уште повеќе ќе ги шири своите метастази и ќе разјадува сѐ, удирајќи по бубрезите, по срцето, по мозокот и по душата на македонскиот народ и на сите македонски граѓани.

Со синоќешното велепредавство Република Македонија и македонскиот народ се цврсто инкапсулирани во црн експериментален шатл и лансирани кон никаде, во некоја имагинарна евро-атлантска орбита во која само ќе се вртиме, не стасувајќи никаде, сосема изолирани од секоја релевантна можност да сториме нешто за себе без туѓински далнински управувања и команди. И тоа ќе трае вечно. Од НАТО, кој само ќе не вцица за своите милитантни потреби, се разбира, нема да имаме никаков аир, само зијан и смрт на нашите деца; а ЕУ, пак, никогаш нема да ја видиме, а ако тоа некогаш во далечната иднина и се случи, вака понижени и обезначени сигурно нема да имаме можност да ја гледаме од она цивилизациско рамниште на кое уживаат старите, богати европски, колонијални земји, Франција, Германија, Холандија, Белгија, Италија и останатите од „првиот круг“.

Во изолираната новосоздадена држава изолираниот народ го чекаат многу тешки мигови и многу страдни години.

Синоќешните емфатични пораки на диктаторот Заев и оние искажани од неговите соработници во текот на целодневната агонична хајка по предавници во редовите на опозицијата беа многу јасни: со сите сили и со сета фашистоидна безобѕирност власта сега ќе се нафрли врз слободномислечката интелигенција, и пред сѐ врз лидерите на опозицијата и врз политичката конкуренција, сеедно дали таа доаѓа од левата или од десната страна на политичкиот спектар. Воопшто не е во прашање идеологија која не ги интересира ни под разно. За нив е проблем само опасната опозициона конкуренција која порано или подоцна може да ги турне од узурпираната власт. „Слатките отровни зборови“ на Заев за тоа како се надева дека наскоро парламентарното мнозинство ќе го чинат 120 пратеници, сликовито ни предочи еден хитлеровско-сталинистичко-маоцетунговско-чаушесковски едноумен заевски парламент во кој ќе се дискутира и ќе се гласа многу едноставно: сите 120 „за“! Пред триесет години решително се справивме со морбидното безизлезно едноумие – а сега триесет години подоцна, во 21 век: Да живее едноумието! – и тоа најидиотско, евро-заевско! Во исто време, пак, квислинишкиот премиер посочи и на потребата веднаш да се покренат обвинителни процеси против неименувани политичари од опозицијата, а особено посочи и на два интернетски портали,  „Република.мк“ и „Курир.мк“, кои божем ширеле лаги за безобѕирната парламентарна трговија, притисоци и уцени во кобниот, смртен ден за Република Македонија и за македонскиот народ.

Од устата на заевскиот пратеник Костадин Костадинов слушнавме и први новосоздадени етикети од типот „антизападен“ и „антиевроатлантски“, како во некое слушно огледало да одѕвонуваат спротивните, стари комуњарски денунцијации од типот „прозападен, проамерикански“. А пак синтагмата „конзервативни националисти“ стана препознатлив сдсмовски жиг. Според стилот на мислењето и кажувањето на Заев, Костадинов и на нивната партиска велепредавничка братија, наскоро би требало повторно да се воведе, и ќе се воведе, и поимот „вербален деликт“ за да можат нивните неистомисленици што полесно да се испраќаат во Шутка, се разбира, обвинети за тероризам.

Ете, во тој кафкијански свет, изолиран од реалноста, живеат тие заевски марсовци, а Република Македонија и македонскиот народ со еден потег, велепредавнички ги изолираа од нивните изворни национални и државни посебности и вредности со кои беа препознатливи и признаени во целиот цивилизиран свет, и ги турнаа во црна невидливост.

Не смееме да се залажуваме, ни претстои многу тешка, сложена, неизвесна и, со оглед на безобѕирната полициска држава на Заев и неговата клика, вистински опасна општонационална борба на сите полиња, и културни и политички, за да спасиме, да зачуваме барем дел од нашиот атакуван, поткопан и разнишан национален и политички ентитет и од нашата така безумно и нецивилизирано раскопачена премила татковина Македонија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top