| четврток, 6 декември 2018 |

Договорот со Грција е само параван зад кој се кријат бизнис-интересите на оваа владејачка гарнитура

Ова денес е акт на насилство на државата. Ова не е одлука на народот туку на корумпираното водство на државата кое се бори за својата фотелја поддржана од структури кои решија да работат во нивна полза, нагласи на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Денес Зоран Заев на сила пристапи кон преименување на државата и реализација на договор со кој се губи името Македонија, се губи идентитетот, ќе се преименува историјата, археологијата, образованието и културата. Договор со кој се менуваат личните документи, лицето на Македонија онаква каква што ја знаеме и онаква каква што ја наследивме од нашите дедовци.

Заев нема мандат од народот ова да го прави. Ова е силување на процедурите, насилство врз државата. Срамно дело кое ќе се памети. Заев нанесе срам кон Македонија.

Македонија е во тешка ситуација, токму поради оваа гарнитура на власт. Имавме референдум каде имаше фалсификати, притисоци, имаме гласање за договор кое е постигнато со истите принципи. И ова е се друго, само не европски вредности. Затоа што Европа е пред се принципи и вредности.

Мицкоски уште еднаш повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од европските вредности, од членството во НАТО. Според него, најголемиот непријател на овие вредности е токму првиот човек на Владата, Зоран Заев, а договорот е само праванот, а во позадина се бизнисите, и  криминалот кој не престанува.

-И многумина ќе си речат ова е крајот, ова е поразот за Македонија, нема иднина веќе овде, не, јас ќе речам ова е почетокот за Македонија, ова почетокот за нас Македонци. Ова почетокот на крајот на Зоран Заев и неговата срамна улога во нашата историја. Кој друг ако не ние. Не очајувајте. Мораме да се спротивставиме на ова заедничко зло кое ја гуши нашата земја, на оваа криминална насилничка власт. Не чека напорна работа, и кој друг ако не ние имаме обврска да се спротивставиме. Македонецот се борел, не затоа што секогаш победувал, туку затоа што никогаш не се откажувал. А ние заедно ќе победиме и тоа ви го ветувам.

Фактот што наместо на избори одлучија со сила и притисоци да ја кршат демократијата и државата говори дека се слаби и очајни. Слаби се и очајни и свесни се за тоа, рече Мицкоски.

-Заев, сега избега од избори, ама ќе дојдеш еден ден, ќе те победам, без разлика дали сега или на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, или кога и да е. Ќе добиеш жестока казна од народот. Било да се изборите сега, или да бидат тие предвремени кога и да се. И верувај ми дека треба да бидеш свесен за тоа.

Најтемно е пред зората, а Гоце Делчев рекол ќе дојде светлото и зората за нас да не огрее, затоа што нашата љубов за Македонија е најголема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top