| четврток, 6 декември 2018 |

Расте бројот на идентификувани жртви на трговија со луѓе во Македонија, најголемиот број девојчиња под 14 години

Во Македонија расте бројот на идентификувани лица жртви на трговија со луѓе. Статистички, бројот е мал, но загрижувачки е што најголем дел од нив се деца. Годинава се регистрирани седум случаи, или пет повеќе од лани. Најголемиот број од нив се мали девојчиња под 14 години.

-Во текот на 2018 година се идентификувани седум жртви на трговија со луѓе, во споредба со само две идетификувани во текот на 2017 година. За жал најголем дел од овие седум идентификувани жртви се деца од 14 години и сите седум се жени односно девојчиња, вели генералната секретарка во министерство за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

Од МВР најавуваат дека со информативна кампања ќе ја креваат јавната свест кај граѓаните околу овој проблем.

-Организираме повеќе активности во рамките на информативната кампања со која сакаме да ја подигнеме општата јавна свест на целата заедницата, која што треба да стане се повеќе свесна, се повеќе вклучена во борбата против трговија со луѓе, изјави генералната секретарка во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска.

Според ЕУ битката против трговијата со луѓе треба да биде еден од клучните приоритети

-Борбата со трговијата со луѓе е еден од најитните, со кои што денеска се соочува меѓународната заедница. Жртвите на овој вид на кривично дело се најчесто најсиромашните жители во земјата и најбеспомошните членови на европското семејство, изјави раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини.

Инаку во Европската унија се зголемува бројот на жртвите од трговијата со луѓе, особено преку централна и југоисточна Европа, Русија и Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top