| четврток, 6 декември 2018 |

Груби до пратениците: Пред нас се три копчиња, зелено за иднина, црвено за небиднина и жолто за стагнација!

Артан Груби денеска се обрати од говорницата на Собрание:

-Заради предизвикување на дотогашното, заради идеја, заради верба, поради убедување Христос бил распаднат, Мухамед бил прогонуван, реформаторите биле прогласувани за херетици, неистомислениците биле угнетувани, лишувани од слобода, па дури и екзекутирани низ историјата па се до ден денешен.

Да, биле свесни за тоа што го прават. Верувале и биле храбри, се жртвувале свесно зошто се залагале за подобро утре. И победиле, нивната идеја триумфирала!

Следствено, кое е нашето подобро утре за кое сите се согласуваме и се залагаме заеднички?

НАТО и ЕУ.

Почитувани колеги, сите ние спремаме говор за да стане историски. Но денес ќе говориме за да прераснеме во иднина.

За иднината не се говори историски, се делува визионерски.

Затоа ќе говорам за надежта, е не за очајот, за интеграцијата, е не за изолацијата, за напредокот, а не за регресот, за мирот, а не за немирот, за храброста, а не за стравот, за иднината, а не за минатото.

Е таа иднина, оддржлива иднина се гради со храброст а не со историја.

Се гради со храбри, скоро херетички дела неразбирливи за денешницата, но вреднувани во иднина.

А историјата, историјата нека ни послужи да знаеме како дојдовме до денес, да се потсеќаме, да не ја заборавиме и секако да не ја повториме.

Мои драги колеги, како што истакнав кога го ратификувавме законот за договорот, пред нас има три копчиња и само два пата!

Трите копчиња се, зелено за иднина, црвено за небиднина и жолто за стагнација.

Додека од двата пата, првиот е веќе изоден. Другиот е непознат!

Првиот е изолација, тапкање во место ,безперспективност, небиднина, недојдија, немир!

Вториот е неизвесност, но истовремено надеж, непознато, но сепак извесен, подржан од сиот демократски свет.

Туку, ајде да се вратиме на основата.

Што значи кога велиме дека знаеме нешто? Како ние знаеме дека знаеме? Дали било кој од нас има одговор на ова?

Затоа ценам дека е време да поразговараме за знаењето! Да се вратиме на основата за да стигнеме до денешницата.

Епистемологијата која што го проучува знаењето би рекла дека сите тие и многу други херетички го предизвикале дотогашното знаење и го унапредиле за да стигнат до напредокот и да не останат на статус кво.

Замислете ја денешницата ако Њутн, Ајнштајн, Коперник, Тесла, Бел, Питагора и многу други би останале рамнодушни и не би ја предизвикале нивната денешница и би биле конформисти?

Замислете и споредете ја храброста и антиконформизмот низ историјата на личности од нашето поднебје како Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански, Скендербег, Хасан Приштина, Адем Јашари, Кемал Ататурк, или уште по далеку во историјата, Јустинијан Први или пак Константин кој што одлучил да стане христијанин и да го пресели седиштето на Римската Империја во Бизантиум, Константинопол или денешен Истанбул.

Сите тие и многу други ја предизвикале денешницата, статус квото, дотогашното знаење, и дури херетички делувале во нивното време, против сите убедувања, против сите маинстреам размислувања, против сите обичаи и верувања. Биле угнетувани, протерувани, исмејувани.

Но денес, денес сме им благодарни.

Затоа, имајки ја предвид моќта во вашите раце, не сметајќи на партиски конформизам и калкулации, знаејќи ја важноста на моментот и одлуката, замислете ја вашата одлука со истата храброст на горенаведените и со ваша лична визија за утре.

Предизвикајте го голиот популизам и незнаењето, одважете се на задачата и застанате на правилната прогресивна страна, истовремено и на историјата и на иднината.

Немојте да се криете позади народот, вие сте избрани да го предводите народот, а не да се водите од народот. Немојте да мислите на следните избори, мислете на следните генерации, бидете протагонисти, а не статисти.

Почитувани, вистината и лагата се како дрвото и сенката. Сенката е лага, дрвото е вистина, сенката е привремена, дрвото е постојано. Ние денес засадуваме дрво, а вие зборувата за стравот од привремената сенка. Европската сенка, со сите свои предизвици, е сепак подобра од немилосрдната изложеност на јакото сонце без никаква заштита.

Денес, ниту еден од нас не може да каже дека не знаеме. Денес знаеме дека знаеме. Денес знаеме дека утре ќе е подобро.

Затоа денес, токму денес е најдоброто можно време за најбитната и најдобрата можна наша одлука за заедничка подобра и сигурна иднина.

Одважете се, одлучете за иднината на другите затоа што само животот живеен за другите е вреден за живеење.

Ќе завршам како што почнав.

Која е пожртвуваноста што се очекува од нас?

Едно притискање на зелено копче пред нас за нашата Македонија да ја има и утре, но да биде посилна, посигурна, по безбедна.

Пожртвувајте се еднаш во својот живот за Македонија! За да ја има!

Наречете ме херетик, наречете ме предавник, јас гласам ЗА!”, порача Груби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top