| четврток, 6 декември 2018 |

По драмите околу разводот Елена Велевска и сопругот остануваат заедно

-По долги разговори, како зрели личности, првенствено родители на три малолетни деца, јас и мојот сопруг Марјан решивме да го затвориме лошото поглавје во нашиот живот, и да му дадеме шанса на семејството, и секако на љубовта која што ја имавме со години наназад. Повлечена е бракоразводната парница, а од јавноста барам почит на нашата приватност и разбирање – открива за ,,Фокус” Елена Велевска, една од најангажираните фолк пејачки кај нас.

Веста дека решила да покрене бракоразводна парница, таа ја сподели на социјалните мрежи кон средината на месец август. Тогаш појасни дека сметала како секој проблем во бракот може да се реши, но со тек на годините семејното насилство станувало неподносливо. Со сопругот Марјан тие имаат две ќерки и еден син. Околу тоа, дали денес проблемите се зад неа и нејзиниот сопруг, вели дека се надева како се на вистинскиот пат, бидејќи сепак, за децата е вредна секоја жртва, и таа и Марјан решиле да започнат од почеток.

-Кога ја соопштив веста дека се разделувам од сопругот, последното на кое што се надевав беше дека моите деца ќе мора да минат низ едно навистина трауматично искуство, но не поради своите родители, туку поради предрасудите на околината. Сепак, тие не се толку мали, одат на училиште, користат интернет, читаат разни коментари. Навистина беа многу повредени, повеќе од злобата на луѓето, отколку од она што се случуваше во нашиот дом, бидејќи ние сепак, се трудевме да ги заштитиме од се, и се однесувавме доста коректно еден кон друг, и покрај недоразбирањата. Кога ќе се спомне семејно насилство, јасно ми е дека се отвора една тема која што кај нас се уште е табу и полна со предрасуди. Не мора да значи семејно насилство само физичкото насилство над партнерот. Тука се подразбира и она емоционалното, разни забрани, закани, навреди… Но јас отсекогаш сум играла со отворени карти со јавноста. Мене народот ме направи да бидам она што сум денес, и сметам дека секогаш треба да го зачувам тој отворен однос кон мојата публика и нештата да ги кажам такви какви што се. Затоа и јавно раскажав за проблемите, затоа и сега јавно потврдувам дека решивме да и дадеме уште една шанса на љубовта. Тоа е шанса и за нашите деца да растат покрај мајка и татко, во хармоничен дом, без трауми. Сепак, ние родителите сме тие кои што ги правиме спомените на нашите деца, а како возрасни личности сфативме дека мора да се потрудиме повеќе, да се обидеме да го надминеме сето она кое што било причина за немир во нашиот дом. Ништо не е повредно од насмевката на децата, никој не може да им го замени таткото или мајката, тоа е една непобитна вистина – раскажува Велевска за Фокус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top