| четврток, 6 декември 2018 |

Зимбери: Јас сум само советник, во М-НАВ имаат по 2.500 евра плата

Нов советник во Одделението за општи работи во Контрола на летање (М-НАВ) е Абедин Зимбери. Вработувањето на поранешниот пратеник од Нова демократија, кој во собраниските клупи седеше од 2008 до 2011 година, крена политичката врева поради фактот дека Зимбери во времето на конфликтот во 2001 беше командант во ОНА.

Извршниот директор на М-НАВ, Николче Тасески, за „Независен весник“ одбил да го објасни вработувањето на Зимбери.

-Ве упатувам со конкретните прашања да се обратите до секторот на извршниот директор за финансиско и правно работење, Миѓен Салмани, бидејќи се работи за кандидат во тој сектор. Секој директор од тројцата е одговорен за својот сектор, одговорил Тасески, кој е истовремено и претседател на управниот одбор на М-НАВ.

Посочениот Салмани, извршен директор и член на УО на М-НАВ, одговорил дека конкретниот кандидат е примен на позиција самостоен советник во Одделението за општи работи и ги исполнува условите предвидени во правилникот за систематизација. Што се однесува до платата, тоа било истакнато во самиот конкурс.

Зимбери во М-НАВ ќе работи за основна плата од 56.485 денари. Според огласот, за вработувањето му биле потребни универзитетска диплома од општествени или природни науки и најмалку четири години работно искуство. М-НАВ бараше кандидатот за советник да има и други професионални квалификации, способности, вештини и лични квалитети, да има познавање на англиски јазик и да може да работи на компјутери.

Според биографијата на интернет-страницата на Собранието, Зимбери има завршено Факултет за физичка култура.

-Да, имам потребни квалификации за работното место, изјавил Зимбери.

-Ќе работам техничка работа. Тоа нема врска со безбедноста на летање. Јас сум само советник за човечки ресурси. Има 10 лица како мене таму вработени. Знам да ја работам таа работа. Сум бил шеф на кабинет на претседател на општина, 6 години сум работел во администрација во општина, сум бил раководител на сектор во државен инспекторат. Бев пратеник од 2008 до 2011, од Нова демократија, дадал Зимбери.

Тој смета дека е срамно што го нарекуваат терорист, вели дека цели 17 години се трудел за помирување, 10 жртви дал, и уште го нарекуваат терорист.

-Тогаш зошто се во коалиција со терористи во влада? Колку имав желба да работам во оваа држава на помирување, на толку семинари сум бил, џабе, разочарано изјавил Зимбери.

На тврдењето дека не е толку обично вработувањето зашто носи плата од илјада евра, Зимбери одговора:

-Не сум само јас. Тука има што земаат по 2.500 евра плата.

М-НАВ е акционерско друштво во државна сопственост. Не ги добива парите за работа од македонскиот буџет, туку од услугите што ги нуди за слетување и полетување на авионите на двата македонски аеродрома и за прелетите. Поради високите плати, е меѓу најбараните за вдомување кадри со различни заслуги. Досега ниедна власт не остана имуна на предизвикот свои луѓе да смести на некоја од 290. позиции во компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top