| четврток, 6 декември 2018 |

Владата го утврди текстот на измените на Уставот

Владата на денешната вонредна седница го разгледа предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија и го утврди текстот и заклучи да го достави до Собранието на Република Македонија, со цел да биде разгледан и да се донесе одлука за пристапување кон измени на Уставот.

Владата, како што информира владиниот портпарол, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција, предлага додавање на придавката северна во името на Република Македонија и тоа да се направи во целиот текст на Уставот на земјава пред зборот Македонија. Се предлагаат и измени во преамбулата на Уставот заради усогласување со Договорот со Грција и промена на два члена.

– Во преамбулата при наведувањето на државно-правните традиции ќе се именуваат конкретните документи на АСНОМ и ќе се внесе повикување на прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание со неговите конститутивни одлуки, рече Бошњаковски.

Владата, додаде, предлага и измени за поцврста гаранција на границата во член 3 од Уставот кој веќе беше изменет во 1992 година.

– Со новиот предлог ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии. Тоа ќе значи заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија и на соседните држави, прецизира Бошњаковски.

Владата предлага и промена и на членот 49 од Уставот за грижа за Македонците и дијаспората во странство кој, исто така беше веќе изменет во 1992 година.

– Со уставниот амандман сега ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи во било каква форма и заради било каква причина, посочи Бошњаковски.

Сега, потенцира, останува на сите пратениците на Парламентот, без разлика на која партија припаѓаат, да се изјаснат за предлогот на Владата.

– Тие имаат историска должност и обврска пред граѓаните да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет. Тоа е патот кон ЕУ и кон НАТО кој води преку Договорот меѓу Македонија и Грција. Од пратениците се очекува одлука во оваа насока и како израз на почитување на волјата на граѓаните кои гласаа на референдумот, како и на волјата од околу 80 отсто од граѓаните кои континуирано се изјаснуваат дека го одобруваат членството на РМ во НАТО и во ЕУ, рече Бошњаковски.

Тој посочи дека пратениците треба да донесат одлука која ќе ја направи Македонија убаво место за живеење за секој граѓанин.

Прашан дали предлогот за пристапување кон измена на Уставот значи дека веќе е обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието, Бошњаковски рече дека денеска Владата го започна процесот и очекува пратениците да го следат гласот на народот на референдумот.

– Денеска започнува процесот, документот оди во Собрние, очекуваме деа веќеод утре пратениците ќе почнат со работа и ќе се изјаснат, посочи Бошњаковски и додаде дека Владата е овластен предлагач на измените на Уставот.

„Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насока за изменување и дополнување на Уставот“ е ставен на веб страницата на Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top