| четврток, 6 декември 2018 |

„Саут Чајна Морнинг Пост“: Претседателот на Интерпол приведен на распит во Кина

Претседателот на Меѓународната полициска организација (Интерпол), Кинезот Менг Хонгвеј, за кого денеска беше објавено дека „исчезнал“ откако минатата недела од Франција заминал за Кина, бил приведен од страна на кинеските власти по пристигнувањето во земјата, објави хонгконшкиот весник „Саут Чајна Морнинг Пост“.

Весникот, повикувајќи се на анонимни извори, тврди дека кинеските власти повеле истрага против 64-годишниот Менг и дека тој бил приведен на распит веднаш по пристигнување во Кина на 29 септември.

„Саут Чајна Морнинг Пост“ посочува дека не е познато каде во моментов се наоѓа Менг и за што го товарат кинеските власти.

Пекинг досега не ги коментираше тврдењата на хонгконшкиот весник.

Менг, кој беше избран за претседател на Интерпол во ноември 2016 година, пред изборот на оваа функција беше потпретседател на кинеската Комисија за контрола на наркотиците и директор на Националната служба за борба против тероризмот. Меѓутоа, во април годинава Менг беше разрешен од должноста член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина.

По неговиот избор за прв човек на Интерпол, повеќе меѓународни организации за заштита на човековите права реагираа дека Кина би можела да го искористи Менг за прогон на кинески дисиденти во странство. На ваквите стравувања, Интерпол одговори дека Уставот на организацијата им забранува не нејзините скужбеници да се мешаат во политиката.

Претходно денеска, извори од француската полиција соопштија е започната потрага по Менг, откако неговата сопруга во полициска станица во Лион пријавила дека „нема никаков глас“ од него по неговото заминување за Кина на 29 септември.

Претставник на француските правосудни власти, кој побарал анонимност, соопшти дека Менг отпатувал од Франција и пристигнал во Кина „кон крајот на сепетмври“.

Во реакција на информацијата за исчезнувањето на Менг, Интерпол соопшти дека е запознат со неговото „претпоставено исчезнување“, додавајќи дека случајот сепак е во надлежност на соодветните органи на Франција и Кина.

Како што јави ДПА, Интерпол во соопштението посочува дека „исчезнувањето“ на Менг не влијае врз работата на организацијата, бидејќи за секојдневното раководење со неа е одговорен генералниот секретар.

– Генералниот секретар на Интерпол нема повеќе да го коментира случајот, се посочува во соопштението

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top