| четврток, 6 декември 2018 |

Апелација ги потврди очекувањата на Груевски – нема дело, има казна

Апелациониот суд Скопје ја потврди затворската казна од 2 години за поранешниот премиер Никола Груевски.
Казната е за незаконито влијание на обвинетиот Груевски за набавката на луксузниот „Мерцедес С-600 гард“, кое тие не можеле да го одбијат зашто им бил шеф, премиер. Казната на осудениот Ѓоко Поповски му е намалена од 6,5 на 4,5 години.

„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди. Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост“, соопшти Апелацискиот суд.

Безбедноста на Меркел загарантирана во мерцедесот за кој Груевски е под политички прогон (ФОТО)

Инаку Мерцедесот, кој е набавен во време на Груевски, се уште го користи Владата. Со тој Мерцедес се пречекуваат странските функционери кои доаѓаат во земјава. Последно со тоа возило беа пречекани Ангела Меркел, Јенс Столтенберг, Себастијан Курц и други.

Владата го вози претседателот на словенечкиот парламент во „Мерцедесот“ за кој Груевски беше осуден на 2 години затвор

Уште кога беше донесена првостепената пресуда, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека судот не го интересираат ниту докази, ниту факти, ниту аргументи. Судот го интересира само реализација на политичките нарачки на Зоран Заев и СДСМ за пресметка со сите кои што мислат поинаку.

Столтенберг се вози во „мерцедесот“ за кој му се суди на Груевски (ФОТО)


– Во време кога власта прифаќа секакви отстапки, во време кога граѓаните се сведоци на масовен грабеж, осиромашување и пад на економијата, судот ја прифати улогата на изршител на наредбата за дефокусирање од вистинските проблеми и сеење на страв меѓу сите кои мислат поинаку. Оваа пресуда не е пресуда заради тоа што некој се стекнал со противправна имотна корист, или заради тоа што и била направена некаква штета на државата, затоа што штета нема, „Мерцедесот“ и сега се вози, не си го зема Никола Груевски дома. Ова е пресуда која има повеќе цели, тие се Никола Груевски кој беше симбол за зачувување на националните интереси, економски успеси, привлекување инвеститори, реформи, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции, градби и се друго да се засени и да биде политички дисквалификуван, изјави Николовски и потсети дека пред два дена, обвинителството и судот го ослободија од вина Зоран Заев убедувајќи ги граѓаните дека тоа што го гледаат не е така
– рече Николоски.

И Груевски тогаш посочи дека судот под притисок нелегално стекнатите снимки мора да ги третира како легални, иако тоа е спротивно на законот.

-Овој фабрикуван предмет, во кој нема никакви докази против мене, се одвиваше мошне брзо, можеби најбрзо во историјата на македонското судство од независноста до денес. Почна во февруари, завршува во мај. Во предметот сум обвинет за сакање. Сум сакал да се набави блиндирано возило бидејќи сум сакал да се возам во него. Сум остварил корист оти ме возеле, не во една туку во друга кола, од истата марка. Генерации на наши потомци ќе се чудат за што бил обвинет поранешниот премиер, пред да разберат дека станувало збор за политички прогон, кажа Груевски.

Покрај тоа, одбраната на Груевски посочи дека случајот има и релативна и апсолутна застареност. СЈО тврди дека тој го прекрашил законот кога во телефонски разговор на тЈанкуловска на прашање дали ги видел проспектите, и одговорил дека ги видел и дека е најинтересно тоа на „М“. Овој телефонски разговор се случил во февруари 2012 г. Остантите два телефонски разговори кои се неважни за процесот се случиле во март и во јули 2012 г. Релативна застареност на гонењето настапува ако во рок од три години не се покрене никаков обвинителен процес. Во случајот СЈО во тоа време не постоеше, а ОЈО нема дејствија бидејќи и СДСМ не поднел пријава до ОЈО.

Во согласност со членот 30 од Кривичниот законик, момент на дејствие на сторување кривично дело се зема првото дејствие, а другото се смета за последица. Во случајот тоа е февруари 2012 г., кога Заев сѐ уште го нема објавено разговорот, па така Обвинителството и не можело да преземе нешто.

СЈО и првостепениот суд го признава ова, но се повикува на одредбата дека релативна застареност не може да има ако обвинетиот во меѓувреме сторил и други кривични дела, и се повикуваат на другите 4 предмети на СЈО кои се водат во судовите против Груевски, но забораваат дека ниту едно од тие не е правосилно докажано, така што во овој случај има чиста релативна застареност на гонењето.

Покрај релативна застареност има и апсолутна застареност. Апсолутна застареност има ако за 6 години од сторување на прекршокот нема правосилна судска одлука, а тоа во согласност со членот 30 од КЗ помина во февруари 2018 г., кога судењето всушност почна.

Во меѓувреме има апсолутна затареност не само на првиот телефонски разговор, туку на сите телефонски разговори во предметот, а друг доказ против Груевски нема, ако може воопшто да се земе „….тоа на М“ како доказ бидејќи е само асоцијација, во еден наводен телефонски разговор за кој судот поседува само копие, кое не е споредено со оргиналот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top