| четврток, 6 декември 2018 |

„Киненова“ отвора со „Ругање со Христос“, за екипата на филмот има само 10 влезници

- Кој може да дојде, нека види. Може утрешната ќе биде единствена проекција на филмот. Имавме намера да биде прикажан и во други градови низ дражавата, но тоа станува невозможна мисија - рече Бојаџи кој додаде дека за разлика од минатите изданија, овојпат МКЦ на фестивалот му отстапил само десет влезници, а останатите се на продажба на билетарницата на „Милениум“

Премиерата на филмот „Ругање со Христос“ во режија ан Јани Бојаџи по светската премиера на фестивалот во Монтреал, утре премиерно ќе биде прикажан и пред македонската публика во кино „Милениум“ (20 часот) за отворањето на третиот Меѓународен фестивал на дебитантски филмови „Киненова“.

– За нас, за екипата на филмот има 10 влезници. Другите се на билетарницаата на киното. Кој може да дојде, нека си купи влезница – рече на прес-конференцијата на фестивалот Бојаџи.

Филмот на Бојаџи имаше светска премиера на фестивалот во Монтреал каде што  доби награда за иновативност. Ругање со Христос“ е македонско-грчко-француска копродукција, а светската премиера беше на 30 август во Монтреал. Министерот за култура Асаф Адеми, без да го гледа филмот, излезе со став дека филмот е навредлив за Албанците и за него беше скандал што ниту еден Албанец немало во комисијата и во телата што го одобриле снимањето на филмот во кој војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи. Адеми повикал повикал инспекциски надзор да ја испита работата на комисиите во Агенцијата за филм кои го одобриле овој филм во 2015.

Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија потенцираа дека не го гледале филмот, туку одлуката за осудување на филмот ја донеле врз основа на трејлерот, прочитаното сценарио и режисерската експликација. Според обајцата, не станува збор за цензура.

Режисерот Бојаџи изјави дека Министерството за култура повикува на насилство и терор врз него.

– Кој може да дојде, нека види. Може утрешната ќе биде единствена проекција на филмот. Имавме намера да биде прикажан и во други градови низ дражавата, но тоа станува невозможна мисија – рече Бојаџи кој додаде дека за разлика од минатите изданија, овојпат МКЦ на фестивалот му отстапил само десет влезници, а останатите се на продажба на билетарницата на „Милениум“.

Директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ рече дека влезниците се во слободна продажба од по 100 денари, а Младинскиот културен центар (под чија надлежност е кино „Милениум“) го ограничил фестивалот и му отстапил само десет влезници. Како организатори, фестивалот треба да ги купи билетите за екипата, за членовите од жирито, за медиумите…

– Во изминатите две години, на отворањето на фестивалот имавме можност да подигнеме повеќе билети, а сега не можеме да подигнеме повеќе од десет. Како организатори сега ние треба да ги купуваме билетите или, пак, екипата и продуцентот на филмот – рече Јовановиќ кој додаде дека за премиератаќе бидат поканети од Министерството за култура и од други институции.

– Билетите за нив ние ќе ги купиме или ќе ги поканиме да си ги купат, додаде директорот на фестивалот.

„Ругање со Христос“ е меѓу осумте филмови во официјалната селекција на овој фестивал кој е посветен на дебитантскиот филм. Бил избран зашто го исполнува критериумот да е дебитантски и поради заложбата на „Киненова“ да има и македонски дебитантски филм во програмата.

На првата прес-конференција пред една недела, Јовановиќ рече дека го селектирале пред реакцијата од Министерството за култура кое филмот го оцени како скандалозен и контроверзен, дека тенденциозно игра со историјата и му наштетува на соживотот. Филмот кој е селектиран е и за Торонто, во Македонија не е прикажан досега и е достапен само трејлерот.

– Воопшто не го знаевме ниту го предвидовме тој општествен контекст околу филмот. Се водевме според принципите на квалитетот на филмот и дали заслужува да биде во натпреварувачката селекција. Сметавме дека заслужува и дека е необичен и храбар авторски филм во смисла на филмска нарација. Темата што ја обработува е регионална, од балакнскиот контекст, и воопшто не е фокусиран на она што можеби трејлерот го претставува. Нема нешто од што некој може да биде навреден или да се плаши. Секако, би ја поминал нашата цензура на фестивалот доколку сметавме дека има нешто проблематично во содржината, рече Јовановиќ, кој тогаш рече дека ќе го поканат и министерот за култура и дека очекува да спласне тензијата по премиерата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top