| четврток, 6 декември 2018 |

Христијан Проданов, првороденото дете во независна Македонија на сцената на Макфест

Тој е одличен хип-хоп танчер, организатор и учесник на многу Флеш Моб настани, дел е од неколку музички спотови, а многумина го запознаа по многуте видеа снимени со него како првородено дете во независна Македонија. Годинава Христијан Проданов ќе биде дел од фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, настапувајќи во првата фестивалска вечер со песната насловена како ,,Невреме" која за него ја напиша комплетниот автор Виктор Апостоловски.

Јавноста те запозна како прво дете родено во независна Македонија, имаше можност да те види во музички спотови, а сега и како вокал на сцената на Макфест. Што те натера да се впуштиш и во овие води?

Проданов: Желбата за пеење ја имам од мали нозе. Мојата прва јавна изведба беше на 5 години, за тогашната емисија за деца „Шек-шек“, cover на песната „Сакам кола убава“. Постарите генерации сигурно ја паметат, а може и да се потсетат со пребарување на „Hriko mal“ на YouTube 🙂 Причината зошто досега не сум се впуштил во овие води е затоа што мислев дека ги немам потребните гласовни способности, како и промената на гласот во период на пубертет. Годинава некако се охрабрив после сите мои „настапи“ по дискотеките, баровите и рестораните низ Македонија, во улога на гостин. Добивав многу позитивни коментари насекаде, па затоа решив да згазнам онаму каде што газат веќе докажани пеачи. Време е да го паметат Христијан не само како првородено дете во независна Македонија.

Не си првпат на сцената на Макфест, те гледавме неколку години во сценски настап, сега и како вокал. Кој ќе те придружува на сцена?

Проданов: Низ годините бев дел од сценскиот настап на многу пеачи, на многу изданија на Макфест, како и на другите македонски фестивали. Бидејќи оваа година ја имам улогата на вокален изведувач, танчерскиот дел ќе им го препуштам на вистински професионалци во своето поле, танчери кои имаат повеќедекадно искуство, и кои секојдневно обучуваат млади таленти низ Републикава. Тоа се Иван Ангелковски и Јана Андрејевич Лазарова.

Со оглед дека си одличен хип-хоп танчер, ќе бидеш ли вклучен во кореографијата за време на настапот?

Проданов: Не. Овој пат сакам да ставам фокус на мојата вокална изведба, и на мојата емоција. Сметам дека Иван и Јана ќе завршат одлична работа, па затоа не би сакал да вложувам дел од енергијата на тоа поле.

Како дојде до соработката со Виктор Апостоловски? Зошто се одлучи за композиција која е комплетно негово дело?

Проданов: Со Виктор се познаваме подолго време. Го познавам од времето кога беше учесник на Македонски Идол, шоу по кое на многумина им е познат. Мислам дека Виктор е единствениот музичар во Македонија кој сам ги креира своите песни од почеток до крај. На тој начин буквално внесува дел од себе во нив, и предизвикува слушателот да ја осети онаа емоција која била присутна за време на создавање на делото. Тоа беше една од причините за јас да одлучам за соработка со него. Исто така сметам дека жанрот на музика, по кој е познат Макфест како фестивал, доволно му одговара за да направи маестрално дело какво што е „Невреме“. А дали сум во право, тоа самите ќе оцените во четврток, 04.10, на МТВ1 во 20:30 часот. „Невреме“, реден број 15 🙂

Веруваш ли во регуларноста при изборот на победници на македонските фестивали?

Проданов: Ги следам македонските фестивали редовно, со мали исклучоци поради жанрот на композиции. Сметам дека секога на врвот се наоѓале квалитетни песни, отпеани од квалитетни вокали, па затоа моето мислење е дека се е во рамките на дозволеното. Секако, не секогаш ќе победи оној кој ни е фаворит, и не секогаш ќе се согласиме со изборот на мнозинството, но тоа не значи дека изборот на победникот не е регуларен.

Од кого ја добиваш најголема поддршка за овој нов предизвик?

Проданов: Најголемата поддршка ја добивам од семејството и оние кои ми се најблиски. Од моментот кога се стана „вистинско“, нивната поддршка е присутна секојдневно. Морам да признаам дека по мојот иницијален разговор и договор со Виктор, многу од оние кои сега ми даваат безрезервна поддршка беа во неверување на мојата одлука. Но, како што реков, откако се стана „вистинско“, откако песната беше завршена и пријавена на конкурсот со демо снимка, добивам навистина голема поддршка за ова што допрва ќе се случи.

Разговараше: Марина Костовска
Фотографија: Приватна архива

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top