| четврток, 6 декември 2018 |

Алфа ја отвори архивата на весниците: Зошто некои прашања не заслужуваа одговор во 2004?

„За вистинска одлука на граѓаните се потребни целосни информации што е обврска и на Владата“ изјавила Радмила Шеќеринска на 14 октомври 2004, од трибина во Тетово, во рамки на кампањата за бојкот на тогашниот референдум за задржување на старата територијална организација. За неа, сега не е најважно граѓаните да ги знаeа – предреферндумски- уставните измени и другите замки од преспанскиот договор. Пред 14 години било клучно. Бојкотот за Шеќеринска и целото раководство на СДСМ, тогаш бил излез.

-Успешен референдум би значело враќање на Македонија во минатото, затоа на 7 ноември останете дома, гледајте си телевизија и референдумот нема да успее, изјави Никола Поповски од СДСМ на 25 октомври 2004, на трибина од скопска населба Автокоманда.

Иако интернет архивите се стопроцентно избришани и нема електронска трага од кампањата на тогашната власт за граѓаните да си останат дома на денот на гласање, во архивите на весниците стои историјата.

-Колкава поддршка ни даваат странците за побрзо да ги изодиме нашите евроатлански патишта, а сега некој сака да застане, на тој пат и да не сопре, изјави Владо Бучковски, потпретседател на СДСМ, во октомври 2004, на средба со граѓани во Охрид.

И тогашниот претседател Црвенковски бил за референдумска смрт. Иако претседател на сите граѓани, партиските одлуки за него биле приоритет.

-Ако е успешен референдумот, знам дека Македонија ќе се соочи со неизвесност и ќе загуби драгоцено време. Ќе треба да одлучиме меѓу европската перспектива и балканските предрасуди, изјавил Бранко Црвенковски, претседател на Македонија, на 8 октомври 2004 година.

Архивите на „Дневник“ и „Утрински весник“, се полни со изјави на Кондарко, Хари Костов, и сите останати челници на СДСМ. На страниците на весниците очигледно е и дежа-ву сценариото на тогашната власт во соработка со меѓународната заедница, ама во полза на бојкотот. И сега Брисел и Вашингтон и дуваа в грб на Владата, но му судеа на бојкотот.

-Свесни сте дека ова е голема шанса за вашата земја. Никому нема да кажам како да гласа, но сакам да се уверам дека Македонците се свесни за нивниот избор и за можните последици од референдумот. Ваш е изборот дали сакате да се насочите кон иднината која ве води кон Европа, мир, стабилност и просперитет, или сакате да гледате наназад и да се концентрирате кон минатото, изјавил Романо Проди, претседател на Европската комисија, на 1 октомври 2004.

Референдумот не успеа, ни тогаш. Брисел славеше. Ама Македонија не влезе во ЕУ. 14 години подоцна пак е на истиот тест. И пак има неуспешен референдум, ама сега од истите играчи непризнаен. Оние кои во 2004 го славеа немањето цензус заради што ДИК објави јасно и гласно дека референдумот е неуспешен, а организаторите прифатија – сега во потполно истата ситуација, бојкотот го игнорираат и спротивно на правните но и своите принципи- сега една третина излезност за нив е победа.

14 години подоцна, за истата власт и истата меѓународна заедница, над 1,2 милиони граѓани не постојат.

Целиот прилог погледнете го на ТВ Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top