| четврток, 6 декември 2018 |

Намалена довербата во власта: 80.000 граѓани помалку гласале „ЗА“ на референдумот, отколку за владејачката коалиција во 2016-та година

Референдумските резултати покажаа дека довербата на граѓаните во власта е намалена, а бројот на гласови кои се „ЗА“, кој вчера премиерот Заев ги претстави како победа за својата политика, е за 80 илјади гласа помалку од она што владејачкото мнозинство го имаше на парламентарните избори во 2016 година.

Тогаш, сега владејачката коалиција составена од СДСМ, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците, ДПА и другите партии од власта освоија 687,265 гласови, додека пак сега на референдумот „ЗА“ гласаа 609,813 гласачи(според 100 проценти од избројаните гласови на ДИК). Довербата која ја имаше власта кај народот е стопена за точно 77,452 гласа.

Инаку, тогаш иако поразен на парламентарните избори, Зоран Заев кажа дека победничката партија ВМРО-ДПМНЕ, ја немала довербата од народот.

-Најрелевантната анкета на граѓаните, Никола Груевски ја доби на 11 декември. Околу 700 илјади граѓани одлучно се изјаснија дека Груевски не смее повеќе да ја води Македонија. Мнозинството граѓани избра промени, правда и заедништво, велеа од СДСМ на 19.03.2017-та година.

На тие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 454.577 гласови, а СДСМ 436.981 глас.

Сегашниот премиер Зоран Заев, тогаш се повикуваше на гласовите кои не ги добила неговата партија со цел да дојде на власт како поразен, а сега пак го смета за неважен ставот на огромното мнозинство од нешто помалку 1,2 милиони гласачи кои не излегоа на референдумот.

Тој вчера порача дека мора да се почитува волјата на излезените гласачи на референдумот, кој пак пропадна поради ниската излезност од само 36,91 процент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top