Петр Нечас призна за врската со шефицата на кабинетот Јана Нагиова. Таа е во притвор заради злоупотреба на државните органи за следење на сопругата на Нечас и корупциски скандал.
Поранешниот чешки премиер Нечас врската ја признава во интервју за весникот „Право“. Нечас, кој најави развод од сопругата мисли дека врската со Нагиова има иднина.
– Со Јана Нагиова, имаме силна врска, на која сметам и во иднина и цврсто стојам зад неа, вели Нечас.
Заради аферата Нечасподнесе оставка, а уапсени се седум негови блиски соработници и сопартијци. И самиот е осомничен дека учествувал во потплаќање на тројца пратеници кои се откажале од нивниот мандат за друга корист. Тој по оставката, одлучи да продолжи со пратеничката функција и се соочува и со барање за одземање на неговиот пратенички имунитет. Нечас во интервјуто тврди дека наводно не знаел дека Нагиова од Военото разузнавање нарачала следење на неговата сопруга Радка и кога му покажала фотографии претпоставувал дека се направени од жолтиот печат.
Следната недела парламентот ќе одлучува дали ќе му го одземе имунитетот на експремиерот, на барање на обвинителството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.