| четврток, 6 декември 2018 |

На Веспрем му се криви судиите за поразот од Вардар

Тренерот на Веспрем, Љубомир Врањеш, никако не можеше да се помири со поразот од Вардар, па штом заврши мечот тргна да се докажува со судиите и со официјалните лица. Сметаше дека неговиот тим е оштетен, па не молчеше ниту на прес-конференцијата по дуелот.

Веспрем во неколку контроверзни ситуации го извлече подебелиот крај од судиските одлуки, па во еден момент се случи да игра и без двајца исклучени ракометари и тоа во решавачките минути. Дури осум пати Унгарците имаа исклучувања, Вардар само два, тие добија два пенала, а Вардар шест. Тоа не му беше право на Врањеш, па распали.

„Не сум задоволен од мечот. Имавме шанси да победиме, но исто така направивме и многу технички грешки. Згора на тоа Гајиќ ни се повреди и беше тешка задача. Мора прво да погледнеме во себеси, меѓутоа судиите донесоа неколку чудни одлуки. Не сакам да му ја одземам победата на Вардар, но мислам дека некој не сакаше да победиме. Ова не е првпат вака да заврши. Моите играчи дадоа максимум од себеси, се бореа пожртвувано до последен момент. Мора да најдеме начин да победуваме во иднина, бидејќи поразите дома се недозволиви“, рече шведскиот тренер со српски корени.

Незадоволен беше и капитенот, Ласло Наѓ, признавајќи дека грешката треба да ја бараат прво кај себе.

„Вардар играше добро, дојдоа добро подготвени и одлично ги искористија своите шанси. Направија добри избори во нападот, додека ние утнавме многу зицери. Во последните 8-10 минути нашиот напад се закочи. Тажен сум и разочаран. Се браневме борбено, но ќе мора да го погледнеме мечот и да анализираме. Сепак, пропуштивме многу зицери, затоа мора вината да ја бараме кај нас. “, изјави Наѓ.

Извор: Спорт.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top