| четврток, 6 декември 2018 |

Има едно важно правило за недела

На 30 септември во недела се празнува споменот на познатата Римјанка Софија, која своите ќерки Вера, Нада и Љубов ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.

Празникот е посветен на жените и нивните деца, првенствено ќерки. Се верува дека девојчињата треба да ги израдувате со некој подарок, колку и да е тој скромен. Ќе биде доволно да им посветите внимание и да им покажете колку ги сакате.

Исто така, како имињата на девојчињата, Љубов, Вера и Нада, станаа симбол на секој христијанин, народот смета дека на 30 септември треба да се воздржите од секакви зли мисли и да се посветите на љубовта кон ближните.

На овој ден именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба.

Кон крајот на првиот и почетокот на вториот век со својата верба во Исус Христос и со својата готовност да се жртвуваат за него се прославиле четирите римјанки, мајката Софија и нејзините три ќерки маченички: Вера, Нада и Љубов. Мајката Софија била достојна на името што го носела, а што значи мудрост, премудрост. Таа и додека бил жив нејзиниот сопруг и подоцна кога останала вдовица живеела како вистинска христијанка, со добри дела, со смиреност на душата, со покорност на Божјата волја. Во тој дух и ги воспитувала своите три ќерки кои ги носеле имињата на трите најважни христијански вредности: Вера, Надеж и Љубов.

Светата црква и Софија ја прогласила за маченичка бидејќи таа е заслужна за воспитувањето на своите ќерки, а и страдала заедно со нив додека ги мачел злогласниот император Адријан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top