Дете од четиринаесет години учи со деца од осум и девет години во исто одделение – со ваква слика се соочија родителите кога во понеделникот ги однесоа своите деца на настава во основното училиште „Гоце Делчев“ во Центар. Родителите за „Република“ велат дека се загрижени што дете, кое е во пубертет, тинејџер со поинакви размислувања, поинаква емотивна созреаност ќе биде во исто одделение со останатите ученици кои реално се деца. Тие револтирани бараат од институциите брзо да реагираат и детето да биде сместено во одделение кое одговара на неговата возраст, имајќи в предвид дека станува збор за тинејџер кој е во развој. Велат дека немаат ништо против детето да посетува настава во училиштето, како што посетува и неговото братче, кое учи со ученици кои се само една година помали од него, но не се согласуваат детето кое е 5-6 години постаро од останатите и е во различна фаза од емотивен развој да учи во тоа одделение.
Тие направиле обид проблемот да го решат во самото училиште, со директорката и наставничката. Свикале родителски состанок на кој присуствувал и претставник од Министерството за труд и социјална политика, кој како што велат се обидувал да наметне став дека не постои никаков проблем, освен стереотипност на родителите. Родителите објаснуваат дека тој не ја разбирал или не сакал да ја прифати суштината на проблемот, туку се држел на одбрана на законот и одлуката 14 годишно момче да учи со 8 годишни деца.
„Република“ побара одговор од директорката на училиштето „Гоце Делчев“ која објасни дека детето заедно со уште две други момчиња од 11 и 14 годишна возраст е згрижено во училиштето со законот за социјална заштита.
– Ние како училиште немаме забелешка што децата се згрижени во училиштето, јас ја разбирам грижата на родителите, но сепак треба да бидеме хумани. Во овие четири дена не се појавил проблем, за понатаму и јас и наставниците ја превземаме одговорноста. Детето е тестирано и неговото претходно образование е до трето одделение, па затоа сега продолжува во четврто. Ги охрабрувам родителите да немаат страв поради разликата во години, ова е сепак хумана работа, децата се среќни што се прифатени – вели директорката Наде Молеровиќ.
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска за „Република“ вели дека ако четиринаесет годишното момче е ставено во одделение со толку мали деца, постои можност при претходно тестирање да е проценето дека тој емотивно и интелектуално одговара на таа возраст. Сепак, таа посочува, дека оправдана е загриженоста на родителите кои стравуваат од можни проблеми.
– Важно е на кој начин е донесена одлуката детето да учи со пет години помали деца од него, нормална е загриженоста на родителите, за овој случај одговорноста ја носат оние кои ја извршиле проценката за тоа дали 14 годишното момче ментално и емотивно одговара за да учи во четврто одделение, истакнува Јовановска Стојановска, која додава дека ова може да биде проблем за самиот ученик кој е ставен да учи со деца од осумгодишна возраст.
Од МТПС велат дека се запознаени со случајот и работат на изнаоѓање на решение.
-Од 2015 година момчето е сместено во „25 Мај“ и е вклучен во образовен процес. Со деинституционализација детето е запишано во училиштето „Гоце Делчев“, Центар – вели за „Република“ правник Виолета Масевска, која додава дека тоа е нивна обрска која се почитува според законот за социјална работа.
– Детето е во добра ментална и здравствена состојба и одлично ги совладуваше образовните предмети. Поради што даден е предлог од наш претставник доколку нема законски пречки детето да учи со негови врсници, а дополнително да ги полага годините кои ги има пропуштено во неговиот образовен процес – истакнува Масевска.
Со оглед на чувствителноста на проблемот и направениот пропуст „Република“ побара одговор и од градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој вети дека од понеделник четиринаесет годишното момче ќе почне да учи со ученици на негова возраст и дека вонредно пред наставници ќе го полага материјалот од годините кои ги има пропуштено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст