| четврток, 6 декември 2018 |

Гутереш: За ОН Косово не е држава

Српската премеирка Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ во Њујорк на маргините на заседанието на Генералното собрание на Светската организација, се сретнаа со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Како што соопшти српската Влада, Гутереш во разговорот истакнал дека „за Обединетите нации, Косово не е држава“, дадавјќи дека ОН ќе го подржат можниот договор на Белград и Приштина за Косово.

Брнабиќ на средбата истакнала дека „Србија е посветена на наоѓањето на решение за Косово и дека Белград не сака замрзнат конфликт“, додавајќи дека српскиот претседателот Александар Вучиќ го предводи дијалогот со Приштина, а шефот на дипломатијата Дачиќ активно работи на светот да му пренесе порака „што се Србија има направено на ова поле“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српската премиерка ја потенцирала и потребата од поактивна улога на ОН во меѓународните односи и интересот на Србија „УНМИК да остане во Косово во несмален обем и без промена на мандатот“, што било потврдено од Гутереш.

Брнабиќ синоќа имаше обраќање на дебатата на 73-то заседание на Генералното собрание на ОН, при што, меѓу останатото, нагласи дека „Србија ќе остане приврзана на пронаоѓањето компромис, колку и да е тежок и понекогаш безнадежен дијалогот со Приштина“, додавајќи дека за напредок во дијалогот е потребна подршка на меѓународната заедница.

Според неа, Србија ќе инсистира на примена на Бриселскиот договор и воспоставување на Заедницата на српски општини, додавајќи дека „и понатаму ќе биде толерантна и трпелива“.

– Стратешка цел на Србија е зачленувањето во ЕУ, како и регионалната соработка и стабилност, рече Брнабиќ во својот говор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top