Претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на 73. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк упати порака до македонските граѓани дека гласањето на референдумот е право, а не обврска.
„Во овие неколку часа пред референдумскиот молк сакам да упатам порака до сограѓаните – гласањето на референдум е ваше право, а не обврска. Никој не може да биде повикуван на одговорност за гласање, односно негласање на референдумот“, рече Иванов.
Тој додаде дека секој граѓани има право сам да одлучи дали да излезе да гласа или да бојкотира.
Според него, овој референдум може да донесе состојба на потчитеност на Македонија под друга држава. „Не само што се менува името на државата туку се формира нова држава со ново име. Ќе бидеме држава само по име, а не по суштина“, рече Иванов.
Македонскиот претседател рече дека како граѓанин ја донел својата одлука дека нема да излезе да гласа на 30 септември и рече дека се надева дека и македонските граѓани ќе донесат, како што рече, мудра одлука.
Иванов рече дека доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. „Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Да го обновиме националниот консензус што го постигнавме на почетокот на независноста“, порача Иванов.
Според него, поради грчките блокади ни се одзема правото на просперитет. „Ги повикувам сите држави кои ја признале Република Македонија под уставно име да не ги менуваат своите одлуки. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување“, порача Иванов.
Според него, многумина ќе го осудат неговиот говор пред ГС на Обединетите нации.
„Можеби додека зборувам се пишуваат изјави кои ќе го осудат мојот говор. Но вистината ослободува. Единствената вистина е дека ние сме Македонци, а нашата држава е Република Македонија“, заклучи Иванов.
Од правото на самоопределување, рече тој, извира и правото на народот да го одбере своето име и името на државата што ја создал.
„Сепак, Грција со конечната спогодба од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes – и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот, при што Грција би била конечниот авторитет што ќе ги одобрува уставните измени. Преку оваа спогодба Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како вие, државите-членки на Обединетите нации ќе ни се обраќате нам. Грција се овластува да ги преименува нашите институции, да ја цензурира содржината на учебниците на нашите деца, да го спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет. Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик“, рече Иванов.
Иванов вели дека еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. „Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Во архивите на Обединетите нации постојат илјадници страници документи и сведоштва за тоа што Грчката држава им правела на Македонците во Грција. Сега, со Преспанската спогодба Грчката држава сака да им го направи истото и на Македонците во Република Македонија. Целта е употребата на името Македонци да ја ограничи на најмалиот можен простор – а тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ја притоа нашата уста затворена. Тоа е флагрантно кршење на правото на самоопределување“, рече Иванов.
Македонскиот претседател рече дека при приемот на Република Македонија во Обединетите нации е прекршено правото на самоопределување. Според него, времената и Преспанската спогодба се донесени за да се оправда тоа кршење. „Мора да знаете дека текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Кажано со други зборови, јазолот што започна да се заплеткува со Резолуциите 817 и 845 и со Времената спогодба, сега, со Преспанскиот договор стана јамка за бесење. Од Република Македонија сега се бара да изврши правно и историско самоубиство, за да може правното укинувањето на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја. Се прашувам што зборува ова за глобалното лидерство и споделената одговорност на Обединетите нации?“, праша Иванов.
Тој упати прашање до високите странски претставници кои ја посетија Македонија во изминатиов период и кои ги повикаа граѓаните да гласаат на референдумот.
„Многумина од нив ги убедуваат македонските граѓани да ја прифатат грчката спогодба. Нив ги прашувам, дали тие би прифатиле да го дерогираат право на самоопределување на нивните сопствени народи и држави? Дали тие би прифатиле мешање во нивните внатрешни работи, нарушување на сувереноста и политичката независност? Зошто тогаш од нас се бара да прифатиме нешто што никој во светот не би го прифатил? Не не убедувајте да јадеме од овој отровен плод. Крајно време е отровното стебло, сосе неговиот отровен плод, да бидат отстранети“, истакна Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст