| четврток, 6 декември 2018 |

Заради семејството

 Дафина Стојаноска
– пратеничка

Моето семејство е мојот живот. Нема напредок без поддршка од семејството. Секоја тага и болка, секоја среќа и успех, ако не се споделат со семејството, немаат никаква важност. Семејството е најважниот елемент во едно здраво општество. Моето семејство е моето се‘.

Сакам денесKA, на овој голем христијански празник – Крстовден, на сите Македонци на кои им се битни семејствата, празниците, традициите, да им порачам дека Македонија е земја на вредности и традиции, Македонија е мајка на сите македонски семејства, Македонија е нешто за што многу странци копнеат и сонуваат.

Во Македонија се празнуваат празници со семејството и пријателите, во Македонија се тагува со семејството и со пријателите, во Македонија се прават свадби со зурли и тапани, во Македонија ја има галичката свадба, во Македонија се прават слатка од смокви, кори од лубеница, џемови од сливи и кајсии, лутеници, ајвари, туршии. Во Македонија се вари најубавата ракија, Македонија има прекрасни вина, Македонија е земја која наутро мириса на кафе и чај, земја со најубави баклави и домашни пити, земја во која сите овие набројани работи се наша традиција и наша гордост.

Богатство е да бидеш горд на своето семејство и на својата земја. Тоа богатство нема цена и не се купува, ниту распродава. Тоа богатство или го чувствуваш или си сиромав за навек. Нема пари кои можат да ни дадат мир во нашите домови и благосостојба во нашата земја. Мирот и благосостојбата сами си ги негуваме, чуваме и не ги потценуваме.

И, да, иднината… Па, таа е обезбедена и загарантирана со здрави семејства и земјата која ги поседува истите. Нам не ни треба ништо повеќе, но и ништо помалку. Не дозволуваме некој да ни ги наруши семејствата, традициите, културата, историјата, за да ни обезбедел подобра иднина. Не, благодариме. Задоволни сме со ова што сме го затекнале и ќе го чуваме како нешто најсвето. Зашто, вакви нешта нема во белиот свет. Таму можеби имаат повеќе пари, но немаат со кого да ги трошат. Можеби имаат убави автомобили, но немаат време за да ги возат. Можеби имаат огромни супермаркети, но немаат домашно подготвена храна. Јадат сами и набрзина. Молчат и се несреќни. Во Македонија едно кафепиење е еден муабет, а еден муабет е едно видување со убав човек, а едно видување е еден век. Тоа се накусо македонските традиционални вредности. Овие вредности ги нема да се купат во продавница. Овие вредности ги создавале нашите баби и дедовци, сме ги негувале и ние, за натаму да ги продолжат и нашите деца и внуци.

И не дозволувам некој да не‘ омаловажува, дека сме помалку вредни или помалку учени ( „пусто македонче“ ). Напротив. Македонија има и преима умови на кои цел свет им завидува. Македонија вреди многу повеќе од многу други. Но, Македонија треба некој, пред се‘, да ја чувствува и да ја сака како нешто свое и свето, како што се сакаат детето и мајката, за да може да се вложи во неа со сиот свој ум и срце и за да може Македонија да има подобра иднина. Не може Македонија да се сака, а да и‘ се распродаваат името, културата, историјата, јазикот. Не може Македонија да се сака, а да се потценува и понижува нејзиниот народ. Не може да се сака Македонија, а да не се сакаат нејзините деца, да не се почитува семејството, да не се почитуваат минатото и традицијата.

Во името на сите семејства, во името на сите деца, во името на Македонија, да ги зачуваме нашата традиција и нашите богатства, да ја зачуваме нашата мајка Република Македонија. Ние сме нејзината иднина и само ние одлучуваме за сопствениот живот и животот на нашите деца. Немаме иднина без да се потпреме на минатото и на традицијата. Тие нас не‘ одржале до ден денешен. Немаме право да ги поништиме. Да чекориме смело кон иднината, но со исправени глави и гласно раскажувајќи за нашето потекло и минато, а не со еластични ‘рбети и „шупотејќи“.

Заради семејството, заради децата, заради родителите, заради себе, заради Македонија… не се предаваме и не се продаваме. Ние сме Македонци од Македонија и сме горди на потеклото и подготвени за иднината, а иднината зависи од нас и нашата одлука. Да живее Република Македонија!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top