| четврток, 6 декември 2018 |

Ирен Ајдим, турска режисерка: Треба да продолжиме да врескаме, без оглед дали ќе нѐ слушнат или не

Независната театарска група „Артопија“ во рамки на 43. Млад отворен театар, вечер од 22 часот во кино „Фросина“ премиерно ќе ја изведе претставата „Д шииит“ (The Shee(i)t“ во режија на Турчинката Ирем Ајдим.

Во претставата играат: Симона Спировска Костовска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Ненад Митевски. Во перформансот базиран на концептот на „граници“ тие ја конструираат и ја деконструираат поделбата на време и место и нивните сценски идентитети, преку постојана трансформација на нивните тела меѓу субјект и објект, каде што линијата меѓу лични и универзални граници станува сè подвосмислена.

Ајдим (28) е турска режисерка и сценаристка која студирала шпански јазик и литература на Универзитетот во Истанбул, а мастер студиите по театар ги завршила во Мадрид, Шпанија. Освен премиерата со „Д’ шииит“, Ајдим на МОТ ќе има уште една претстава „Над земја под облаци“ во продукција на „Ентропи студио“ (среда, 22 часот, „Универзална сала“).

„Над земја под облаци“  е перформанс за ефектите на тековните настани на нашите секојдневни животи и како ја примаме трагедијата преку технологијата денес. Тројца млади луѓе заробени во недефинирано место се борат против стравот од излегување надвор, наспроти нивната желба да го живеат животот потполно, додека нивното тело и свест полека се распаѓаат под сенката на неизбежните информации, кои доаѓаат од дигиталните платформи. Не е само апстракција на состојбата на младата генерација во Турција сега, туку и на општата состојба на несигурност што сите млади луѓе ја споделуваат.

Младиот отворен театар (МОТ) годинава го прославува 43. роденден. Дали првпат доаѓате на МОТ и што знаете за него?

АЈДИМ: Да, прв пат доаѓам во МОТ, но знам за фестивалот од „Студио плејерс“, еден од водечките алтернативни ансамбли на Турција во режија на една од најизвонрдените режисерки Шахика Теканд. Знам дека двапати го посетуваа фестивалот на крајот на 90-тите години. Еднаш бев и нејзин студент, што го прави да биде повеќе значајно за мене.

Според програмата, ќе гостувате со две претстави, „Над земја под облаци“ (Above the ground under the clouds) и The Shee(i)t која ја работевте со Здружението „Артопија“. Може ли да ни кажете по што се разликуваат двете претстави?

АЈДИМ: „Над земја под облаци“ е претстава која е обликувана низ актуелните настани што се случуваат во Турција и со сите изведувачи минувавме низ истиот процес, сите беа погодени од политичката атмосфера во земјата. Може да има повеќе локални референци и асоцијации во рамките на тоа, но нашата постојана цел, исто така, како појдовна точка за создавање на секаква изведба допира до универзалното преку индивидуалното, па лесно можам да кажам тоа што се случуваше тогаш беше само појдовна точка на целиот концепт. Исто така, можеме да зборуваме за многуте предмети за кои изведувачите се поврзани преку личности кои ги создале.

„Д“ шииит“ покренува прашања ‘како поединци во постмодерното општество како ги гледаме трагедиите и како ние (или дали можеме) реагираме во оваа дигитална стварност во која сите живееме’

За претставата “The Shee(i)t”, како што може да се претпостави од насловот, постои големо отсуство на предмети, освен еден лист што сите изведувачи ги поврзува на различни начини, и како што постојано се трансформира така станува се поголем предизвик за актерите. Исто така, актерите, освен за некои сличности, го немаа истото искуство во нашите земји, меѓутоа како современици го имавме овој свет на работ на амбисот, така што нашата почетна точка се случи да бидат „граници”. И можеби тоа е причината зошто објектите се намалуваат, бидејќи концептот станува се поголем. И верувам дека најпрепознатливата работа во врска со претставата “The Shee(i)t” е овој пристап кон таква глобална криза низ еден едноставен медијатор. И покрај разликите, двете претстави го анализираат истото прашање ‘како поединци во постмодерното општество како ги гледаме трагедиите и како ние (или дали можеме) реагираме во оваа дигитална стварност во која сите живееме’, и наместо да наоѓаме одговори тие покренуваат повеќе прашања.

Во Јапонија младите кои одбиваат да излезат од дома и кои немаат вистински социјален живот, освен оној виртуелнио веќе имаат и назив – хикикомори. Дали и во Турција среќавате такви „милениумци“?

АЈДИМ: Да, се разбира, може да се сретнат. И тоа е екстремна ситуација каде гледаме како технологијата може да предизвика емпатијата да биде заменета со апатија и сите ние страдаме од тоа во микро нивоа. Но, за милениумците во Турција не би рекла дека тоа е најголемата закана, но тоа би можело да биде една од последиците од поголема закана, бидејќи тоа е еден од резултатите на отфрлањето на реалноста што не може да се издржи или да се прилагоди. Се плашам дека не е лесно да се справaт со реалноста со која треба да се соочат.

„Над земја под облаци“ е претстава која е обликувана низ актуелните настани што се случуваат во Турција, вели Ајдин

Каква е денес позицијата на турскиот сценарист и режисер?

АЈДИМ: Јас особено верувам дека независната театарска сцена сега има голема важност во Турција со оглед на тоа што е една од ретките средини каде што луѓето, вклучувајќи ги авторите и режисерите, имаат релативно поголема слобода да се изразат и покрај стравот и заканата. И нешто за уметноста, секогаш е предизвикана од угнетување и воздржаност, па верувам дека треба да бараме нови начини и јазици за споделување на искуството што го доживуваме низ овие екстремни времиња. И за мене, најдобриот начин да се опише таа позиција би бил ‘вресокот’. Мислам дека треба да продолжиме да врескаме, без оглед дали некој е сослушан или не.

Какво е вашето искуство со македонските актери со кои соработувавте? Има ли планови за во иднина да се продлабочи соработката?

АЈДИМ: Актерите со кои соработував беа многу посветени и храбри, и иако пробавме нешто ново, го прифатија предизвикот и го претворија во нешто убаво. Исто така, среќна сум што работев со „Артопија“  како невладина организација бидејќи алтернативната сцена е секогаш пофлексибилна и поотворена за да се пробаат нови работи и бидејќи прогресивноста е скапоцена. И, се разбира, се надеваме на идни соработки.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top