| четврток, 6 декември 2018 |

Лавров: Лажна е тезата дека Балканот треба да избира меѓу Западот и Русија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска во Бања Лука дека е лажна тезата дека балканските земји треба да бираат меѓу развивање на добри односи со западните земји или со Русија.

– Неприфатливи се постапките на разни надворешни играчи, кои се обидуваат на народите на Балканот да им наметнат вештачки избор – дека или сте со нас – или со Руската Федерација, изјави Лавров на денешната прес конференција со претседателот на Република Српска Милорад Додик.

Рускиот министер ги отфрли обвинувањата за мешање во балканските политички прашања и изјави дека неговата држава со ништо не се обидела да влијае на исходот на референдумот за името во Република Македонија, додека пак „гледаме како бројни европски и американски функционери навиваат за исходот на референдумот“.

– Погледнете колку западни претставници дојдоа во Македонија буквално овој месец. Дојдоа лидерите на многу европски држави, лидери од САД. Сите тие не се срамат со своите јавни изјави во Скопје да повикуваат да се гласа на референдумот за поддршка на договорот од Преспа и за новото име на Република Македонија. Ако тоа не е мешање, јас не знам што е мешање, изјави Лавров, додавајќи дека Русија не кажала ништо по прашањето на референдумот што би можело да се протолкува како мешање, јави агенцијата БТА.

Додик изјави дека Република Српска сака да развива блиски односи со Русија, но и со други, западни држави. Додик и Лавров се заложија и за повлекување на меѓународните претставници и судии од Босна, како „неприфатливо странско мешање во внатрешните работи на Босна“.

– Тука има воено присуство на западните воени сили, а нема ниту еден руски војник. Во такви услови безпредметно е да се зборува за некакво руско влијание, изајви Додик, додавајќи дека претходната американска администрација, преку амбасадорката во Босна, продолжува да се меша во босанските внатрешни прашања.

Српскиот министер Дачиќ, по средбата со Лавров, изјави дека без Русија не може да се постигне долгорочно решение за Косово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top