Никола Србов
Доколку Европската унија ја повтори грешката на Австро-Унгарија, која во минатото го потресе Балканот, може да го втурне целиот регион во нестабилност.
Низ историјата Балканскиот Полуостров бил точка во која се допирале две сили а во некои историски периоди и две цивилизации. Балканот бил првата брана на Европа. Во точка каде се допираат две сили разбирливо е да постои борба за превласт и влијание. Со граничната улога Балканот се здобил по поделбата на Римската Империја, на Западна и Источна.
Спротиставеноста на двете страни кои ги делел Балканот била највпечатлива со освојувањето и воспоставувањето на османлиска власт врз балканските земји. По налетот на Османлиите и заземањето на Балканскиот Полуостров, единствена сила која влегла во контраофанзива била Хабсбуршката монархија одземајќи територии од Османлиите. Со тоа започнала борбата за превласт и влијание врз балканските простори помеѓу Австро-Унгарија и Османлиската Империја, борба која на моменти била директна и отворена а понекогаш индиректна преку балканските нарооди.
Излегувањето на топло море било есенцијално за интересот на Австро-Унгарија кон балканските простори, тоа ѝ отворало можности на империјата да прерасне во поморска сила со експанзионистичка перспектива наспроти континенталноста која не нуди можност за проширување. Првичните замисли на Австро-Унгарија за излез на топло море воделе преку Македонија, со остварувањето на тој план ние би се здобиле со држава преку која Австро-Унгарија би излегувала на Бело Море. Но, како многупати дотогаш, а и одтогаш, нашата внатрешна неслога и немањето визија да ја препознаеме шансата ја одвратило Австро-Унгарија од таа нејзина замисла. Шансата која ја нудела Австро-Унгарија подоцна ја искористиле Албанците и стремежот на Империјата за излез на топло море започнал да се реализира преку создавање на албанска држава, без разлика што Империјата пропадна.
Најинтерсена слика за поделбата на Балканот помеѓу Западот и Истокот, или помеѓу двете култури – австроунгарската и османлиската, ни дава граничната линија помеѓу двете сили кога таа се протегала по течението на Реката Дунав одвојувајќи ја Војводина, која била во границите на Австро-Унгарија, од Србија која била во склоп на Османлиската Империја. На двата брега од реката имало ист народ (барем мнозинството) но тој народ не бил поделен само од реката која била физичка граница, тој бил различен и по начинот на живеење, и по својот светоглед, и по начинот на размислување, културолошкиот развој, итн. Па би можеле да змислиме како луѓето кои живееле на десниот брег од реката гледале на оние кои живееле на левиот брег, а и не треба многу да замислуваме, постојат извори кои ни говорат за меѓусебната перцепција на овие луѓе. Додека оние кои се наоѓале на десниот брег од реката каде егзистирала Османлиската Империја, чиј систем го доживувал својот крах, живееле во чифлигарско спахијски систем, со корумпиран државен апарат кој тонел, со одметнати бегови од централната власт кои се впуштиле во самоволие, со ниско ниво на образование, шеријатско право, итн., од другата страна нивните сонародници живееле во далеку посовремено општество. Двете екстремни разлики ги делела само една река која нудела меѓусебна комуникација. И факт е дека луѓето кои живееле на османлискиот брег мечтаеле да живеат како нивните сонародници на австроунгарскиот брег. Секако, Австро-Унгарија имала стремеж да завладее и со десниот брег но во тој момент тоа би значело директен судир со Османлиската Империја, која патем веќе го добила епитетот „Болниот од Босфорот“, па морало да се тактизира. Грешките кои ги правела Австро-Унгарија на Балканот подоцна имале домино ефект.
Покрај тактизирањето за да не влезе во директен судир со Османлиите, Австро-Унгарија не се вмешала ниту во моментот кога Србите започнале да креваат востанија за создавање на сопствена држава со изговор дека државата била истоштена од наполеоновите освојувања. Со пасивноста на Австро-Унгарија се оставила празнина на Балканот, таа празнина ја пополнила трета сила – Русија започнала со ширење на своето влијание на овие простори. Откако Србија се формирала како држава нивниот нов патрон ги втурнал Србите во непријателство со оние чив живот сакале да го живеат, со Австро-Унгарија, за ширење на влијание врз Босна. Останатото е веќе фолклор.
Како што можете да видите геостратешките прилики и интереси се идентични и денеска, а може да се заклучи дека ќе бидат и утре. Доколку пред речиси 200 години балканските народи гледале со интерес кон Австро-Унгарија денеска така гледаат кон Европската Унија, опозит на Австро-Унгарија односно на Европската Унија и денес, како и тогаш, е Русија. За сликата да биде комплетна има уште еден интересн детал. Европа својата граница успеа да ја помести од Балканот со појавата на Мустафа Кемал Ататурк кој, покрај спасувањето на Турција да не губи територии, ја претвори Мала Азија во гранична линија од што Турција профитираше. Политиката на Ататурк во Турција денеска се отфрла и Балканот повторно е истото место со иста геостратешка поставеност како пред два века.
Денешниот стремеж на Македонците да живеат во склоп на Европската Унија е сличен како што бил стремежот на балканските народи кон Австро-Унгарија. Но сличноста има една клучна разлика, пасивноста на Австро-Унгарија и нејзиното тактизирање можеби и не било грешка, туку едноставно, можеби во тој момент немала сила да се конфронтира со Османлиската Империја, денеска Европската Унија нема причина да стравува од некаков директен судир ако ја послуша волјата на Македонците и ја внесе Македонија во своите граници, доколку, се разбира, не гледа на Грција како на некаква сила од форматот на Османлиската Империја. Можам да го разберам тактизирањето на ЕУ и НАТО кога се во прашање Србија и Босна и Херцеговина, во едната делумно а во другата целосно е навлезена Русија со своите интереси, но навистина не можам да го разберам тактизирањето со Македонија. Дотолку ми е несфатливо што нивното тактизирање може да резултира со пробивање на Русија во Република Македонија која е оставена неинтегрирана заради политиката на нивна земја-членка. Тогаш е легитимно да се запрашам, за кого игра Грција?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст