| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ: Уставните измени ќе се реализираат согласно македонско-грчкиот договор

Целосно бесмислени се обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за наводни историски фалсификати. Уставните промени ќе се реализираат по референдумот во духот на македонско-грчкиот договор и го гарантираат македонскиот идентитет, реагира СДСМ по обвинувањата изнесени од страна на опозицијата.

„ВМРО-ДПМНЕ на тезга го стави сопственото деструктивно дејствување, Мицкоски сè уште има време да го повика членството да гласа ‘за’ европска Македонија. ВМРО-ДПМНЕ не само што продолжува со ширење невистинити и лажни вести туку почна да зборува бесмислици за јавно објавен договор кој го зајакнува македонскиот идентитет и го расчистува патот кон членството во ЕУ и НАТО“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Владејачката партија го повтори ставот дека договорот со Грција го гарантира и зајакнува македонскиот идентитет, ги официјализира македонскиот јазик и македонската посебност и тие се признати од целиот свет, вклучително и од Грција.
Достоинството на македонскиот народ е ставено на тезга од страна на Зоран Заев кој крои нов Устав напишан по грчки инструкции, обвини денеска на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Владата, министерот Никола Димитров како потписник на договорот и Зоран Заев како договарач на овој документ, мора да престанат со криење. Гласачите мора да ги знаат вистинските факти за да донесат правилна лична одлука на 30-ти септември. Дали се точни информациите дека амандманите се веќе подготвени и се кријат од јавноста? Дали амандманите се напишани од грчката власт и доставени како нон пејпер? Внимавајте, Владата, извршната власт, е должна да одговори дали амандманите се скроени за Уставот и се подготвени не од македонската Влада, туку од грчката Влада и и’ се дадени во форма на нон пејпер на македонските власти? Дали владата ангажирала само пензиониран професор по уставно право, за само технички да ги среди амандманите што им се доставени. Зошто владата прифаќа капитулантски однос Грција да ги пишува амандманите што Собранието на Република Македонија евентуално треба да ги усвои?“, праша Стоилковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top