| четврток, 6 декември 2018 |

Професорката Проева: Македонија е на крстосница, ама не толку на историска колку што е на географска

„Во нашите печатени и електронски медиуми сѐ почесто се слушаат термините хеленски, хеленистички и елински, при што не се прави никаква разлика и се употребуваат како да се синоними, што е сосема погрешно“, пишува најголемиот стручњак за античка Македонија, професорката Наде Проева во колумна за Нова Македонија.

„Придавката хеленски произлегува од името на античкото племе Хелени, на новогрчки јазик Елини, та со Хелени се означуваат Античките Грци, а со Елини денешниве Грци, како што тие се нарекуваат себеси. Придавката хеленски се користи за означување на старогрчкиот јазик, култура, нaрод. Од истиот корен е терминот хеленизам, што во повеќето современи јазици (англиски, француски и др.) означува „хеленство/грчкост“, односно „грчка цивилизација/грчки дух“ во поширока смисла на зборот. Но во германскиот јазик и јазиците што биле, или се, под негово влијание, терминот хеленизам има поинакво значење и се користи за космополитската култура што почнала да се создава во времето на Александар Македонски. Oд него произлегува придавкатa „хеленистички“, што првенствено се користи како хронолошка одредница за периодот од Александар Македонски до потпаѓањето на египетската држава (со која цели три века владеела македонската кралска династија Птолемаиди) под власт на Римјаните, во 31 год. ст.е. Кај нас оваа придавка погрешно се употребува како ознака за народ, особено од политичарите во врска со т.н. Преспански договор, со кој се „решаваат“ научни проблеми. А кога политичарите „решаваат“ научни проблеми, зборуваат за работи што не ги разбираат.

Еклатантен пример за тоа е интервјуто (во емисијата „Само вистина“, 3.9.2018, ТВ Канал 5) на министерот за надворешни работи. Според министерот, името Македонија за Грците значело хеленистички, што е временска ознака за историски период (од власта на Александар Македонски до римско време). Всушност, Грците ја сметаат Македонија за хеленска, односно елинска, што се адјективни ознаки за етничката припадност на Античките и денешниве Грци.

Потоа министерот ни објасни дека додавката Северна била само прецизирање на нашата држава, која се наоѓала во северниот дел на регионот Македонија, нешто што го знаат и врапците, но притоа додаде дека тоа било тешко за нас, без да објасни зошто е тешко ако станува збор само за едно банално прецизирање на местоположбата на нашата држава!? Внимателно одбирајќи ги зборовите призна дека правиме (негов синoним за отстапуваме) повеќе од Грците, но и дека добиваме повеќе, а тоа да ти било членството во НАТО и во ЕУ, односно дека прашањето било да се оди напред (кон иднината) или назад (кон минатото), без да објасни како може да се оди кон иднината ако тоа се прави со принуда. Имено, секому му е јасно дека за успех во која и да е сфера е потребна самодоверба, а уценет народ (ако референдумот не успее, ќе останете сами, изјава на М. Нимиц од 5.9.2018), кому спротивно на сите меѓународни прописи му се поставуваат дополнителни услови, поради фрустрациите и валканата совест на еден сосед, не може да има верба во себе и да успее во она што сака да го постигне.

Целта на оваа спогодба билa да градиме пријателство со соседите, од што произлегува дека Македонците се тие што отсекогаш им биле непријатели на своите соседи, ги негирале и спроведувале етничко чистење со размена на населението. Но тоа го правеа Бугарите и Грците во 1919 год., Грците и Турците по 1922 год., а врв на таквата политика е забраната за бегалците од Граѓанската војна 1944 – 1949 год., на кои не им се дозволува ниту да ги посетат гробовите на своите предци, а камоли да се вратат на своите родни огништа, и тоа во државата што се прикажува како лулка на демократијата!

Овој наш народ, пак, толку е лош и непријателски расположен дури и кон самиот себе, што бранејќи се себеси, својот идентитет и име, замислете си, си го нападнал своето Собрание. Влегувањето на народот во Собранието по незаконскиот избор на претседател на 27 април 2017 год., министерот го нарече напад?! Со правничко образование, треба да знае дека, според нашиот Устав, суверенитетот им припаѓа на граѓаните, па, според тоа, тие имаат право да ги делегитимираат своите претставници кога работат спротивно на изборната програма за која добиле доверба.

Министерот призна дека идентитетот по дефиниција не можел да биде предмет на правно признавање, арно ама потпиша таков акт. И само тој си знае зошто потпиша договор со претставници на народ (чии етнички ознаки не му се јасни), кои пак, од своја страна, многу добро го знаат значењето на името Македонија и македонски, та се изборија во нашата држава да нема институции со придавката македонски. Така, ќе имаме национални театри на малцинствата (турски, албански), но не и македонски народен театар на мнозинскиот народ во државата!

Доаѓањето на европските политичари во Македонија било затоа што Македонија била на историска раскрсница. Токму така, Македонија е на раскрсница, ама не толку на историска колку што е на географска, зашто поврзува два континента, та сите моќници отсекогаш сакале да ја контролираат и затоа, по секоја цена, сега треба да стане дел (база) на НАТО. Тоа отворено го кажа и специјалниот претставник на германското МНР (Кристијан Хелбах), изјавувајќи дека за нив Македонија е многу значајна од безбедносен аспект, а луксембуршкиот министер за надворешни работи (Жан Аселборн) дека Македонија и Балканот не се двор на Кина, Русија,Турција, туку на ЕУ, та јасно е зошто и како е направена спогодбата и зошто светските политичари (од министри на надворешни работи до генсекот на НАТО) деновиве бесрамно се вклучија во кампања за референдумот, со уценувачки пораки дека нема членство во НАТО и во ЕУ без успешен референдум, за што мора да има голем одзив (Ж. Асeлборн) и без примена на спогодбата за името (генсекот).

За историски, археолошки и образовни прашања, пак, ќе разговарале научниците во комисии што ќе се формирале. Многу им благодариме на политичарите што ќе формираат комисии за научни дискусии. Сега нема мака да мачиме сами да наоѓаме средства, кои всушност треба да ни ги обезбеди државата, за учество на научни конференции, каде што се дискутира за научни теми, туку ќе ги замениме со државно-политички комисии, под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави, кои, во соработка со надлежните државни власти, ќе вршат ревизија на учебници и наставни материјали (членот 8, став 5 од спогодбата). Ниту Орвел не можеше да смисли подобро! Во едно не многу дамнешно време, во една не толку далечна земја, партиските комисии кажуваа што е добро и правилно во културата во согласност со една партиска доктрина (ждановистичката).

Дали ова е одот кон иднината што треба да го направиме или применување на старите добри обичаи на тоталитарна идеологија од орвеловски тип?, прашува Проева во својата колумна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top