| четврток, 6 декември 2018 |

Ален Ле Роа: Макрон преку видео порака ќе му се обрати на македонскиот народ

Посочи дека претседателот Макрон, во видео пораката, оди дури дотаму што го охрабрува населението да излезе да гласа и да гласа „за“

Спогодбата не е совршена, но е важна. Имаме доверба и оптимисти сме дека сите што и мислат добро на иднината на Македонија ќе излезат и донесат одлука што ќе ја приближи и до ЕУ и до НАТО, се пораките од Франција, изнесени во рамки на панел-дискусијата „Реформи, референдум и евроатлантски-интеграции на Република Македонија“, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Почесниот амбасадор на Франција, Ален Ле Роа, порача дека дошол во Македонија затоа што земјата е пред силен историски момент и оти интересот на сите странски претставници кои доаѓаат да го искажат своето мислење е знак и на внимание и на пријателство, но никогаш знак на закани.

– Постои едногласност во рамки на Европската унија и тоа беше напишано во рамки на одлуките од Европскиот совет. Постои едногласност за поддршка на Преспанскиот договор. Утре ќе биде објавено видео со порака од францускиот претседател Емануел Макрон, со јасна порака и поддршка на договорот и поддршка за референдумот – рече Ле Роа.

Посочи дека претседателот Макрон, во видео пораката, оди дури дотаму што го охрабрува населението да излезе да гласа и да гласа „за“.

– Тоа е негова желба, но сепак одлуката останува на македонското население, но тоа е и поддршката од највисоко ниво од Франција. Тоа е нешто што е усогласено со ставот на Европската унија. Канцеларката Меркел дојде и го кажа истото, а истото ќе го повтори и претседателот Макрон – рече Ле Роа.

Размислувањето на Франција, продолжи тој, е дека договорот не е совршен, затоа што никој договор не е совршен.

– Првиот договор меѓу Де Гол и Аденауер, што прерасна во Елисејски договор, беше многу критикуван. Тој договор не беше совршен, како што и овој договор не е совршен, но со тоа се отвори пат на едно совршено помирување меѓу Франција и Германија – рече Ле Роа.

Македонија, порача тој, беше една од земјите на Балканот, што прва го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација и во 2005 година и беше доделен статус на земја кандидат.

– Главната пречка сите овие 25 години е прашањето за името и сега ако постои можност да се надмине таа кочница, очигледно е дека Европската унија и Европејците ќе ве поддржат – рече Ле Роа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top