| четврток, 6 декември 2018 |

„Игра на тронови“ по третпат најдобра серија!

Откако минатата година не беа на доделувањето на наградите Еми (најновата сезона требаше допрва да се прикажува), екипата од серијата „Игра на тронови“ сега се врати триумфално на 70. доделување на наградите и ја зема најважната награда на церемонијата – наградата за најдобра драмска серија. Оваа серија триумфираше меѓу сериите „Американците”, „Круна”, „Приказната на слугинката”, „Почудни нешта”, „Западен свет” и „Тоа сме ние”.

Оваа американска фантастична драмска телевизиска серија, чијашто осма и последна сезона се очекува следната година, во Лос Анџелес освои вкупно девет награди, меѓу кои и за шминка, за костими, за музика и за координација на каскадери.

Серијата „Американците“ ја доби наградата за најдобро сценарио и за најдобар актер (Метју Рајс), серијата „Круна“ за режија и за главна актерка (Клер Фој).

Питер Динклеџ ја освои наградата за споредна улога во серијата „Игра на тронови“.

Во поглавните категории како победници излегоа и „Чудесната госпоѓа Мајсел“ – телевизиско остварување што е прогласено за најдобра серија комедија (оваа серија освои вкупно осум награди), а „Убиството на Џани Версаче: Американска крими сторија“ како најдобра мини-серија.

Најдобри актери во комедија се Бил Хадер („Бери“) и Рејчел Броснан („Чудесната госпоѓа Мајсел“).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top