| четврток, 6 декември 2018 |

Хороскоп само за жени: Откријте се за вашата личност

Жена Овен

Таа има одличен карактер и сака сѐ што е чисто, јасно и прецизно. Брзо и активно реагира на сѐ што се случува околу неа. Вообичаено повеќе значење ѝ придава на акцијата, отколку на размислувањето. Грижите ја обземаат само моментално и не оставаат некои длабоки траги во неа. Не се обесхрабрува лесно, ниту ја обзема песимизам, има самодоверба, храбра е и е во состојба да оди чекор по чекор за да ги оствари своите животни цели. Презема и одредени ризици за да не залута во лавиринтот на неодлучност. Нејзиниот ентузијазам и динамичност се доволен двигател да ги преброди сите тешкотии во животот. Честопати презема иницијатива и кога ќе се најде во дилема, сепак бргу донесува одлука.
Жената која е во хороскоп овен не поднесува компликувани ситуации и не ги сака луѓето што наоѓаат задоволство во конфузни приказни и случки. Се однесува ноншалантно и директно, а со своите импулсивни реакции, понекогаш се случува некого грубо да повреди, иако немала таква намера. Нејзиниот карактер има големо влијание и во однесувањето во љубовта. Таа никако не може да се вброи во типот на жена–робинка, бидејќи е премногу независна за да може да поднесе некој да ја стави во „кафез“, па макар тој бил и златен. Очекува и бара взаемна доверба со нејзиниот партнер, за да обезбеди заеднички живот без сцени и сомнежи.
Љубоморна е и тоа го покажува и бара јасни одговори на прашањата. На нејзиниот партнер нема да му биде лесно ако почне да ја избегнува и запоставува. Ако партнерот ја изневери, нејзината гордост и самопочит ќе бидат повредени и таа сигурно нема лесно да помине преку тоа. Во сѐ сака да има своја улога и во секоја прилика сака да се слушне и нејзиниот збор. Ако наиде на личност која е послаба од нејзе, постои опасност да ја потчини, но таквата ситуација нема да ѝ се допадне, бидејќи во длабочината на својата душа таа не сака таква врска. Идеален маж за неа, е оној кој има јак карактер. Нејзината смелост, спонтаност и ентузијазам ќе играат голема улога во нејзините емотивни врски. Кон партнерот може јавно да покажува нежност, но и од него ќе бара да ги покаже своите чувства кон неа. Во љубовта како и во животот, таа бара полна ангажираност. Таа дава сѐ или ништо – понекогаш е бескрајно дарежлива, а понекогаш покажува знаци на егоизам. Не ги сака лагите и измамите.

Жена Бик

Таа стои цврсто на земја и сака сѐ што е постојано и опипливо. За неа мечтаењето претставува само душевен мир, но никогаш не се задоволува со лажни ветувања и слатки илузии.
Кон пријателите покажува лојалност и посветеност, но истото го бара и од спротивната страна. Ако некој ја изневери таа нема бурно да реагира, бидејќи нејзините реакции се бавни и не толку видливи, но затоа бескрајно длабоки и обично трајни. Доколку се увери дека некој лошо постапил со неа или ја повредил нејзината добронамерност, тоа никогаш нема да му го прости. Не ги сака промените и пресвртите и сѐ она што може да го промени нејзиниот вообичаен тек на живот. Ги почитува принципите и концизните идеи. И покрај тоа што има јак карактер, во него има и некои слабости. Во нејзиниот живот понекогаш се јавува мрзеливост и пасивност, бега од грижи и проблеми и не сака компликации.
Љубовта игра голема улога во нејзиниот живот. Таа не е синоним за страст, бурни емоции и романтика, туку за нежност и уживање. Кај мажите ја привлекува нивниот физички изглед, а што се крие зад нивната надворешност, на почетокот не ја интересира многу. Кога ќе запознае личност што ѝ се допаѓа, сака на секој начин да го привлече неговото внимание, но пред да се реши за трајна врска сака да биде сигурна дека тој е оној вистинскиот. Жената бик не се врзува лесно, бидејќи љубовта во нејзиното срце бавно созрева и чувствата постепено се развиваат. Не поднесува присуство на друга жена, па дури ни колешката на нејзиниот партнер и ќе направи сѐ за да го задржи само за себе. Ако открие неверство, спремна е да врати со иста мерка.

Жена Близнаци

Динамичноста е нејзина најважна карактерна особина. Бескрајно ја цени слободата и независноста и не му дозволува никому да господари со неа или да ѝ ја наметнува својата волја. Многу е интелигентна, но не и прониклива. Погрешно суди за луѓето што ѝ мислат добро, па е во состојба и да ги навреди. Исто така погрешно ги проценува намерите на оние кои не ѝ мислат добро, па тоа ѝ се удира од глава, иако не е свесна за тоа. Амбициозна е, но не премногу и во работата може да го пронајде најдобриот начин кон успехот. Кога работи сака луѓето да го ценат тоа, но очекува и материјален ефект за својот напредок и никогаш нема да прифати работа која нема да ѝ донесе и материјална корист. Парите лесно ги троши.
Исто како и во животот, така и во љубовта важна ѝ е слободата, па и кога ќе засака некого се плаши да не се врзе премногу за него. Во љубовта и во бракот е верна, а доколку се случи да се разведе, никогаш нема да го заборави тој човек. Не е љубоморна и е приврзаник на современите обичаи и навики. Неверството може да го прости, но може да биде и сосема категорична. Во љубовта е особено динамична, а чувствата не ги покажува јавно.
Сака да се дружи, но притоа и да се покаже како комуникативна личност која има широк круг на пријатели, па затоа никако не може да се сложи со партнер кој не е динамичен. Во потрагата по нови познанства нема секогаш да успее, па се случува да е повеќе сама дури и кога е опкружена со друштво. Можеби никогаш нема докрај да разбере, дека понекогаш е подобро да имаш малку, но одбрани и верни пријатели, отколку многу неискрени кои умеат добро да глумат.

Жена Рак

Многу е чувствителна, сензибилна и емотивна личност, но за да се заштити себеси се труди да ги скрие своите чувства. За да се чувствува среќна, се сокрива во својот свет заграден со високи ѕидови, во кој е тешко да се влезе. Во детството се чувствувала безбедно во родителскиот дом, а подоцна се обидува да создаде свој свет во кој ќе владее спокојство, мир и сигурност.
Жената рак не е премногу ни борбена, ни реална, ни активна, бидејќи стравот од непознатото ја попречува да оди напред и да ги совладува препреките. Таа е задоволна онаква каква што е, и не сака многу да се менува. Тоа бегање од непознатото е потполно разбирливо бидејќи често се судира со непријатности, грижи и неизвесност. Нејзината чувствителна природа брзо реагира на секаков вид агресивно однесување. Кога ќе се соочи со некој сериозен проблем умее да се претвори во „жена змеј“ која ќе се жртвува до крај.
Умее да „сонува“, но сака и логично да размислува, но на неа многу лесно може да се влијае, па ако тоа не можат да го постигнат оние кои не ѝ се многу блиски, тоа многу лесно ќе им успее на сите оние кои таа ги сака. Љубовта во животот ѝ значи сѐ и таа ѝ е најважна во животот. Таа бара човек кој ќе ѝ овозможи сигурност и поддршка, но и бескрајна нежност. Таа е многу чувствителна и романтична личност и сонува за бескрајно романтична љубов и страст на две сродни души. Нејзината глад за идеална љубов е тешко да се задоволи, бидејќи постои разлика помеѓу реалноста и убавите соништа, а токму тоа и најмногу ја плаши.

Жена Лав

Таа е јака жена која не се препушта лесно да ја понесат брановите на судбината. Нејзината виталност, волја и авторитет ѝ овозможуваат да биде доминантна жена. Тешко ѝ е да остане на едно место, да мечтае и ништо да не работи, бидејќи сака акција и движење, а не поднесува мрзеливост. Гордоста, а понекогаш и суетата, играат голема улога во постигнувањето успех скоро по секоја цена. Претпазлива е и скоро ништо не препушта на случајноста.
Таа има премногу високо мислење за себе за да може да се задоволи со моменталната состојба. Млаки и недефинирани чувства ја доведуваат до очај, а нејзиниот карактер е таков што тешко се прилагодува кон луѓе кои се воздржани. Искрена е, а понекогаш сака и да се шегува. Нејзините ситни грижи умее да ги прикаже како големи за да го привлече вниманието на другите. Кај неа постои една контрадикторност. Среќна е и великодушна кога може на другите да им причини радост, меѓутоа понекогаш е премногу егоцентрична, па пред да помисли на друг, таа прво помислува на себе.
Нејзина најголема доблест е верноста. Има цврст карактер и затоа не поднесува туѓи влијанија. Кај другите луѓе не трпи каприци и извештаченост. Ако ѝ се допадне некој маж, таа тоа отворено ќе му го даде до знаење. Кога сака некого, потполно им се препушта на чувствата и во љубовта не поднесува да остане ништо нејасно и недокажано.

Жена Девица

Сѐ што се случува околу неа, таа го прима со аналитички поглед и има отпор кон сето она што е диктирано од инстинкт. Кон луѓето не покажува спонтаност, премногу воодушевување и силна желба за пријателство, бидејќи по природа е резервирана и срамежлива.
Кога ќе сретне маж кој ѝ се допаѓа, а и таа му се допаѓа нему, тешко е веројатно дека ќе му се фрли во прегратка, пред сѐ затоа што и самата не е сигурна во своите чувства. Секогаш ќе се прашува дали е тоа вистинска љубов или тоа се само минливи чувства. За да ја разјасни оваа дилема, најпрво себеси ќе се преиспита, а потоа и личноста која ѝ се допаѓа. Причината поради која се двоуми потполно да им се предаде на чувствата, е нејзиниот паничен страв да не направи грешка.
Таа е приврзана кон своите навики и верува дека живее во удобно гнездо кое сама го создала, па се прашува дали личноста која влегла во нејзиниот живот може да го смени и расипе тоа. Еден ден кога ќе го победи својот страв, сигурно е дека на мажот што ќе го одбере ќе му биде посветена до крајност. Жената девица е многу верна и лојална личност, која е дискретна и внимателна во сѐ што прави. За да можете вистински да ја запознаете, треба да имате на ум дека за нејзиниот карактер многу поголемо значење има тоа што е скриено во неа, отколку она што е очигледно.

Жена Вага

Жената вага не е ниту енергична, ниту одлучна личност и во донесувањето одлуки никако не може да го пронајде вистинско решение. Не е особено амбициозна и секогаш ѝ е потребен некој на кој со задоволство ќе му препушти дел од обврските. Во сѐ што прави сака целосно да се внесе и посвети, но тоа не ѝ поаѓа секогаш од рака, па тогаш кога ѝ се чини дека не може да ги совлада препреките, се повлекува и се помирува со судбината.
Сака да им се допадне на другите, друштвена е и сака да излегува. Во неа постојат две личности. Едната е таа што им ја покажува на другите, а другата е онаа која никогаш не ја покажува и која ретко кој може да ја открие, бидејќи љубоморно ја чува. Тоа што го покажува понекогаш е мирна и кротка личност, а понекогаш избувлива и експлозивна. Поради стравот да не биде откриена таа се прикажува поинаква, честопати ставајќи на себе маска на љубезност и насмевка. Таа е одличен актер, дури и кон најблиските.
Не сака бурни сцени и караници, но сепак често ѝ се случуваат, а при тоа дури не е ни свесна дека всушност сама ги предизвикала со своето провокативно однесување. Поседува исклучителен шарм, страсна е и чувствителна. Луѓето во неа гледаат нешто симпатично, пријатно и таинствено. Жените ваги се исклучително интелигентни. Многу ваги можат да погрешат во изборот на партнерот. Тие сметаат дека партнерот треба да им биде главна потпора во животот но, се случува да се врзат за некој кој станува вистински тиранин штом ја почувствува нивната слабост. Нив најмногу им одговара маж кој ќе знае да ги цени нивните квалитети и нема постојано да ги критикува поради недостатокот на енергија да ги издржат тешкотиите. На жената вага ѝ е потребен партнер со јак карактер, но воедно да биде и исклучително нежен и внимателен. Таа не е склона кон промени во љубовта.

Жена Скорпија

Жената скорпија не е мирна, пасивна и кротка жена. Таа има импулсивна, избувлива и страсна природа. Во животот ништо не прави половично и не сака неодлучност. Неуспехот и разочарувањето длабоко ја погодуваат. Во сите сегменти од нејзиниот живот доминира инстинктот, па затоа и најдобрите одлуки се диктирани токму од нејзината интуиција, а првиот впечаток за луѓето и нештата најчесто се точни и прецизни. Таа не прави тактички и психолошки грешки.
Некои жени бараат мир, но тоа не е случај со скорпиите, бидејќи нејзините чувства се како зовриен вулкан. Дали некој ѝ е симпатичен или не веднаш се забележува. Жената скорпија не спаѓа во категоријата на студени жени, а нејзините реакции во љубовта се непосредни. Физичката љубов за неа има големо значење, а нејзината страст и енергичност ја вбројуваат во категоријата жени кои имаат моќ на заведување.
Многу жени родени во овој знак и покрај тоа што не се видни убавици, фасцинантно и магично делуваат на мажите. Би можело да се помисли дека за неа љубовта е само игра, но тоа не е вистина. Таа е многу сензибилна и е спремна да се предаде до крај, а нејзиниот партнер станува центар на нејзиното живеење.
И тогаш кога ќе се омажи, таа не запловила во мирни води, бидејќи сака акција, движење и обновување. Љубовта за неа не претставува само страст, туку и вечна борба со животните предизвици. Жената скорпија потсвесно сака да доминира над луѓето и случувањата, па ни нејзиниот партнер не може тоа да го избегне тоа, бидејќи секогаш ќе сака на некој начин да му ја наметне својата волја.

Жена Стрелец

Нејзиниот карактер ја води оваа жена кон два спротивставени животни правци. Првиот ја води кон мирен живот, а другата страна на нејзиниот карактер е сосема поинаква. Таа е храбра, независна, сака да ги прескокнува вообичаените бариери и да се впушта во ризици. Многу е амбициозна и не пропушта ништо што би можело да го зголеми нејзиниот углед. Има истенчено чувство за сите животни вредности, и не сака збрка и анархија. Нејзиниот карактер е брз, експанзивен, нескротлив и тој секогаш ја турка напред, а нејзината виталност која е несфатлива за околината мора секогаш да се искаже.
И покрај тоа што понекогаш ѝ се јавува желба да биде сама, таа сепак е личност која сака да биде во друштво. Омразата не може да ја поднесе, а нејзината природна веселост и смисла за хумор играат огромна улога во односите со луѓето. Таа е отворена и лојална личност. Во љубовта основна желба ѝ е да сретне маж кој ќе ѝ се восхитува и кој без ни малку колебање ќе може да им го претстави на своите пријатели. Таа нема да се задоволи со било кој маж, бидејќи ги презира просечните вредности. За неа љубовта значи восхитување, па затоа нејзиниот партнер мора да биде човек со јак карактер. Оваа жена не ги сака луѓето кои срамежливо ги покажуваат своите чувства и затоа човекот на нејзиниот живот мора отворено да ја искажува својата љубов и на секој начин да ја докажува. Жената стрелец не е премногу љубоморна, но неверството никогаш нема да го прости.

Жена Јарец

Жената јарец има реален однос кон животот и ја сака постојаноста. Ги цени само оние луѓе кои имаат одредени вредности што се во склад со нејзините сфаќања. Во животот не сака да губи време на несериозни или невредни ситуации и ги презира лежерните и неконструктивни разговори. Оваа жена умее точно да го процени редоследот на одредени случувања и е одличен организатор.
Во работата, исто како и во животот не сака на секој начин да го привлече вниманието на другите. Таа работи дискретно и вредно како мравка, а понекогаш сака да биде сама, бидејќи тишината е нејзино прибежиште. За оваа жена не би можело да се каже дека е голем оптимист. За нејзе животот е нешто многу сериозно, но од него не очекува многу радост, ниту верува во какви било чуда.
Кога ќе добие некаква сатисфакција, ја доживува како вистински дар од Бога. Жената јарец не е лесно да се освои, а љубовта кај неа не може да дојде како гром од ведро небо. Женските претставници на овој знак ретко доживуваат голема љубов, но кога сакаат или поточно кога ќе решат тоа да си го признаат, обично тоа се случува после долго познанство со некој маж.
Кај нив љубовта бавно се раѓа, но кога ќе се врзат за некого, тоа е за цел живот, па ни времето што поминува, ниту долгите разделби не можат да ја нарушат нејзината љубов. Нејзиниот партнер треба да биде исклучително трпелив. Многу припаднички на овој знак остануваат немажени до крајот на животот, а некои пак се мажат кога се веќе во зрели години и тоа повеќе според налог на разумот, отколку по занес на срцето.

Жена Водолија

Жената водолија понекогаш зазема ироничен став, но тој е резултат на нејзината несигурност и недоволно самодоверба. Таа живее во својот свет на соништата и нема храброст да се соочи со целосната вистина, а нејзините сфаќања за светот се идеалистички. На оваа жена лесно може да се влијае и таа е свесна за тоа, па се обидува да се брани ставајќи на себе маска на ироничност, а понекогаш и цинизам.
Секој човек детално го анализира и се труди добро да го разбере, но тоа не го прави од љубопитност, туку поради желбата да им се приближи на луѓето. Не е човек од акција, но во работата лесно напредува. Многу е чувствителна и поседува ширина на духот. Сака патувања и промени, но поради неодлучност ретко ја остварува оваа желба.
Оваа жена е многу заводлива и го привлекува вниманието на мажите. Долго време го одбира својот партнер, но кога еднаш ќе се вљуби, тоа е за цел живот. Во љубовта е великодушна и на саканата личност ќе ѝ ги поклони сите свои чувства. Таа не сака лаги и извештачени луѓе, а маж-тиранин не може да поднесе. На жената од овој знак ѝ е потребен партнер со јак карактер, а кој воедно ќе биде и поголем реалист од неа.

Жена Риби

Нејзиниот карактер е полн со спротивставености и можеби не е доволно свесна за тоа, но за повеќето луѓе таа е чудна и несватлива. Честопати го менува своето расположение и наоѓа задоволство во тоа да биде завиена со некој вид магла на која не ѝ дозволува во потполност да се растргне. Нејзината склоност кон мечтаење и недефинирани ситуации, наведува на тоа дека е преголем фантазер и дека нема чувство за реалност.
Грубите зборови, критиката и злобата можат многу да ја повредат и да ѝ предизвикаат голема емотивна болка. Таа нема енергија да се бори, ниту да ги надминува препреките на животниот пат и дозволува другите да ја водат. Сепак не е сосема без иницијатива и доколку наиде на искрена поддршка, таа храбро ќе оди напред. Оваа жена е непоправлив идеалист и фантазер. Многу е интуитивна и комплексна личност, а спрема другите луѓе е толерантна до крајност.
Љубовта ја збунува уште од првиот момент и ако почувствува наклоност кон некого таа не е сигурна во себеси, па затоа и не ја открива. Се плаши дека ќе биде изневерена, отфрлена и напуштена, а страдањето е нешто што мисли дека не може да го поднесе. Таа секогаш балансира помеѓу желбата и воздржаноста и таа рамнотежа ја смирува.
Во љубовта бара нежност, такт и таинственост, а нејзиниот партнер мора да ги одбира зборовите за да не ја повреди. Мечтаењето ѝ е неопходно на оваа личност, но тоа воопшто нема да му пречи на нејзиниот реален живот со нејзиниот партнер. Сепак љубовта која неа ќе ја врзе за еден човек, нема да биде воопшто едноставна, бидејќи нејзините чувства секогаш ќе бидат полни со вртлози.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top