| четврток, 6 декември 2018 |

Свештеници во Германија злоставувале 3 677 деца

Главниот германски надбискуп рече дека е шокиран од извештајот за сексуално злоставување во Германија во кој се наведува дека околу 4,4 отсто од активното католичко свештенство злоставувало околу 3 677 деца во периодот меѓу 1946 и 2014 година.

„Депримирани сме. Шокирани сме и се срамиме од реалноста на сексуалното злоставување малолетници во Католичката црква“, рекол кардиналот Рајнард Маркс, поглавар на Германската бискупска конференција.

Тој рекол дека е свесен дека тие длабоки рани нема лесно да се излечат.

„Шокантно е тоа низ што морале да поминат тие деца кои им верувале на свештениците и на кои им се случило такво незамисливо страдање“, рекол минхенскиот надбискуп.

Извештајот минатата недела дојде до редакциите на магазинот „Шпигел“ и неделникот „Цајт“. Во него стои дека 1 670 свештеници, или околу 4,4 отсто од активниот католички клер во државата во периодот од 1946 до 2014 година злоставувале 3 677 деца. „Цајт“ пишува дека околу 62 отсто од жртвите биле момчиња, а 35 девојчиња. Повеќе од половина од жртвите имале најмногу 13 години, пишува „Шпигел“. Само еден од шест случаи завршил со обвинение за силување.

Кога случаите биле откривани, злоставувачите само биле префрлани на други места. Во повеќе од 60 отсто од случаите, свештениците не биле казнети.

Извештајот го нарачала самата Црква, а резултатите би требало да бидат претставени на собирот на Германската бискупска конференција на 25 септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top