Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска се сретна со секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, г. Џејмс Норман Матис.
Македонскиот претседател истакна дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион.
Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.
Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што САД ја дава на Република Македонија со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Претседателот Иванов изрази задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.
„Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици“, порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД.
Македонскиот претседател истакна дека Армијата на Република Македонија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата.
Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД, додаде претседателот Иванов, се од долгорочен интерес за Република Македонија.
Двајцата соговорници разменија мислења и за предизвиците и очекувањата за иднината на регионот на југоисточна Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани