Синоќа околу 23:30 повторно е каменувана куќата на активистот за човекови права и актер, Петар Стојковиќ. Во инцидентот нема повредени и не е причинета материјална штета.
Во 23.36 часот се случи второто каменување на мојата куќа. Станува збор за група млади луѓе кои веднаш по чинот се дадоа во бегство. Известена е полицијата која ја очекувам да пристигне – напиша Стојковиќ на својот Фејсбук профил.
Ова е втор пат, во период од неколку недели куќата на активистот и припадник на ЛГБТ заедницата да биде каменувана.
– Полицијата дојде и го евидентираше случајот. Имам само една порака до ЛГБТ-фобите: Ме мотивирате и ме стимулирате уште поревносно да се борам за почитување и унапредување на човековите права и слободи во нашата држава – додава Стојковиќ.
Нападите со камења како и извикувањето на погрдни и навредливи зборови од страна на непознатите лица беше предизвикано од колумната на актерот која започнува со зборовите:
„За сите оние кои претпоставувавте, шпекулиравте, шушкавте, озборувавте, навредувавте и прозивавте – време е да еднаш засекогаш да ја (пр)осветлам вашата примитивност и ограниченост. Да, точно е. Јас сум педер.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.