Митрополитот Повардарски господин Агатангел испрати послание во врска со претстониот референдум за кој има и став и порака.
Во продолжение целиот текст од посланието на дедо Агатангел:
По милоста Божја, Митрополит Повардарски, до сите верни чеда на Македонската православна црква, односно Повардарската епархија, како и до сиот македонски народ, а по повод претстојниот Референдум за промена на нашето вековно македонско име, испраќа Архипастирски благослов и мир од Бога.
Возљубени наши духовни чеда, доколку човекот потоне длабоко во калта на бесмислата, тогаш тој се обесмислува најпрво себеси, а потоа ја обесмислува и околината која го опкружува. Живеејќи подолг период во една ваква искривена духовна состојба, во човековиот мал свет дури и зборовите полека почнуваат да го губат своето вистинско значење. Во моментите кога сè почнува да биде превртено и хаотично, стапува на сила неминовниот закон на духовноста. Човекот, или напредува или назадува во духовниот живот, бидејќи статична состојба и во видливиот и во невидливиот свет воопшто не постои.
Бог го устроил светот на принципот на движење, па така и човекот и светот или се движат високо кон совршенството, или пак неминовно пропаѓаат во слабоста и ништожноста. Секое движење зависи од својот почеток, од усвоените принципи кои се негова движечка сила, односно од цврстината, длабочината и стројноста на поставените основи. Овие закони важат како за поединецот, така и за општеството.
Во Македонија, за жал, веќе подолг период се гради куќа, односно држава, врз плитки и климави темели. Се доведовме во една парадоксална и збунувачка состојба. Она од што се срамела претходната генерација, за човекот на нашево време станува доблест и неминовна вистина. Денес, сè е предмет на трговија, сè може да се продаде, сè може да биде индустриски производ. Жестоката и бескруполозна индустријализација ги голта душите на нашите современици. Во профитабилна индустрија е претворена дури и доблеста и вистината. Насекаде низ светот никнуваат центри и институти кои продуцираат и тргуваат со вистината, а крајната, исклучива и единствена општоприфатлива доблест е алчното трупање на богатства. Во име на богатството и привидната благосостојба, покрај моралот, човекот го жртвува дури и своето лично достоинство.
Подготвувајќи го оркестрираното сенародно самоукинување, кое треба да се случи на наместениот референдум, белосветските трговци со вистината на Македонскиот народ му нудат два горчливи производа. Првиот производ е маглата на стравот, поткрепено со закани за изолација, војна и исчезнување и вториот производ – непозната и неизвесна, но благословена иднина, во која изобилно ќе уживаме во натрупано и незаработено богатство. Цената и на првиот и на вториот производ е бришење на историјата и сенароден автогеноцид, досега невиден и незабележан во цивилизираното човештво. Додека на овие вообразени чиновници им се полни устите со демократија, во исто време, отворено и директно, испорачуваат закани, уцени и предвидување на црни сценарија, доколку волјата на Македонскиот народ е поинаква од нивната тоталитарна вистина. Во нашиов случај, фашизмот и сталинизмот се надминати за неколку скалила.
И како што светот пред почетокот на Втората светска војна молчеше пред заканите на нацистите и тргуваше со судбината на незаштитените источни народи, така и денес европските главатари во стилот на тогашниот британски премиер Невил Чембрлен мафтаат со парчето хартија во рацете, и тргуваат со судбината на Македонскиот народ, нудејќи му насилен, бесмислен и лицемерен договор кој не само што нè понижува, туку и до крајност нè разединува и обезименува. Ако договорот на премиерот Невил Чембрлен и канцеларот Хитлер не беше никаков гарант за спречување на невидените ѕверства и страдањата на неброени народи и култури, така и договорите на Македонија со Бугарија и Грција се машински уред кој продуцира втора смрт на починатите и масовно убиство и истребување на сегашните, па и неродените Македонци. За жал, и неколкумина наши наивци неспремни влегоа во барабанот на мелницата. Од ваквото погубно ортачење во нечесната трговија, профит нема да има ниту еден Македонец. Единствено што може да добиеме е само една непремостлива внатрешна духовна руина. Впрочем, контурите на оваа руина почнуваат да се оцртуваат на хоризонтот. Каков морален распад може да носи со себе еден човек кој најпрво се колне во своите деца и во најмилите, а по само неколку месеци, со лице на ангел, делува сосема спротивно од она за што се заколнал. Неморалот не може долго време да се покрива, па затоа неоиндустријалците на злото го произведоа молчењето како основен производ за трговија, кој треба да ја покрие голотијата на лагата. Ограничувањето на мислата стапува на сила. Цензурата навлегува во сите пори на македонското општество, а својот врв ќе го доживее во ревидирањето на учебниците за образование на нашите деца.
Видовме со свои очи дека немаме ниту лидери, ниту пак авторитетни интелектуалци. Македонскиот народ е оставен самиот на себе за да го организира своето опстојување и покрај безбројните уцени и насилни закани. На белосветските промотори им останува единствено адутот на силата. Видовме како ја применуваат оваа сила при изборот на претседателот на Македонското собрание и при донесувањето на законот за двојазичноста. Но, ако ги погледнеме нештата од обратна перспектива, ќе видиме дека нивниот рок на траење е краток, бидејќи силата е во народот, он ја владее ситуацијата. Народот е тој кој дава и одзема полномошно за владеење. И најголемите поробители во историјата на човештвото се повлекле пред најсилниот господар на општествата, односно пред народот и неговата праведна волја.
Во деновите што претстојат ќе бидеме преплавени од секакви манипулативни емотивни пораки и полувистини. Пред нас ќе дефилираат тажни лица со наместени молитвени погледи, а ќе слушаме и уцени за бркање од работа и закани за физичка елиминација на државата. Многумина ќе се прогласат себеси за Наполеони и Лујеви, за некакви умислени величини од кои зависи нашиот опстој. Но, да бидеме спокојни, бидејќи потоп ќе доживеат единствено нивните лаги, а не Македонскиот народ и држава. Примената на сила и нивните ниски манипулации може и да им испорачаат некаков успех, но тие засекогаш ќе останат во нашите сеќавања само по нивното лицемерие и наивност.
Без морал не може да постои држава. Всушност, моралот е темелот на секое напредно општество. Еден од нивните аргументи е дека по успехот на референдумот магично ќе сме станале налик на западните земји. Но, просперитетот на една држава не може да се изгради преку делата на неморалот. Западните земји се средени држави токму заради тоа што на моралот почиваат. Нивната култура и изразена општествена свест е втемелена врз принципите на моралноста. Кај западниот човек, слободата и почитта на интегритетот на другиот извира од моралноста, која е присутна во сите пори на општеството. Кај нив срамот е бесценет, а дадениот збор е светиња. Бесрамноста уште во самиот старт се отфрла, а трговијата со национални интереси се памти до шесто колено и жестоко и безмилосно се казнува.
Најголемата нечестивост на претстојниот наместен и лажен референдум се состои во тоа што преку манипулации со гласовите на албанското малцинство ќе се менува името на Р. Македонија и идентитетот на Македонскиот народ. Па, зарем не е претерано и дрско немакедонци да одлучуваат за идентитетски прашања на Македонците? Преку Преспанскиот договор не се решава само за името на државата, туку и за идентитетски прашања, кои и тоа како го засегаат Македонскиот народ. Единствениот спас за Македонскиот народ, кој буквално е доведен до амбисот на пропаста, се крие во неговото единство и во неговото родољубие. Сведоци сме дека со децении се работи на разбивање на македонското национално единство, притоа правејќи атмосфера дека патриотизмот и родољубието е нешто застарено, напуштено и речиси погрешно. Но, напротив, родољубието е сосема нормална и здрава емотивна состојба. Не е грев да се љуби своето семејство и својот дом и да се покажува грижа за својата непосредна заедница. Патриотизмот не се ограничува само на одредена група на луѓе или народ. Патриотот никого не мрази ниту повредува. Напротив, оној кој се одрекува од своето потекло се одрекува од самиот себе, а оној што не се сака самиот себе, не може да ги сака ниту другите. Народите на запад не заборавиле да бидат отворени родољуби, зашто морално силниот човек го прегрнува целиот свет, но никако не заборава од каде потекнува и која е неговата татковина.
Христијанството во Европа го подигна човечкото достоинство на едно повисоко ниво. Но, и Европа ја демне опасноста од новото паганство. Европа полека почнува да се одрекува од духовните вредности врз кои почива нејзиниот напредок, па затоа и таа потонува во морален хаос и дезориентација и промовира тиранија на мислата, нови видови на фашизмот и ја ограничува секоја слобода, заборавајќи дека диктатурите се последица од губитокот на традицијата. Здравиот однос кон минатото ги буди оние чувства и постапки, кои го движат општеството кон секој напредок. Оној кој ќе ги заборави и напушти овие принципи умира и пред самата физичка смрт.
Драги браќа и сестри, Македонци, зачувувајќи го своето вековно име, ја градиме својата татковина. Доколку татковината е во опасност, таа неминовно треба да се брани и заштитува. Бог го створил човекот според Својот образ и подобие, како битие кое заедничари, односно како битие кое има татко и мајка, а со тоа и своја татковина. Човекот во исто време е и божествен, но и фамилијарен. Сите свети оци и големи учители на Црквата поучувале дека е потребно да се има љубов кон својата родина. Најважно е да ја зачуваме и личната и општествената слобода, зашто човекот не живее само преку телото и нагоните, туку и со душата и слободната мисла. Слободата е основата од која зависи напредокот на народот и државата. Да не се доведеме во искушение, па да тргуваме со светињата и народните добра. Под влијание на новото корпоративно зло, кое од народот прави само една обична потрошувачка маса, се исмева патриотизмот и на широко се промовира индивидуализмот. Целта им е да нема народ кој заедничари, туку себични и индивидуализирани граѓани. Триесетина години тонеме во корупција на духот. И ден денеска не престанува разграбувањето на секое национално богатство, кое потоа се подредува на личните или партиските интереси.
Во Македонија, во XXI-от век, од сите страни нè демне злото на цензурата и пропагандата која ги штити личните и бизнис интересите на неколкумина. Некој здружно работи на тоа Македонија да биде слаба, несигурна и од некого зависна. Дојдено е време кога треба да се надминеме себеси како поединци и да ја покажеме сета своја родољубива сила. Преку бојкот на престојниот лажен и наместен референдум, ќе ги замрсиме конците на оние кои сакаат да нè уништат. Преку нашиот непокор кон мрачните сили на новиот свет ќе го зацврснеме нашиот углед и интегритет како свесен и слободен Македонски народ. Без страв бојкотирајќи, ќе пратиме порака до светот дека еден народ, преку својот величествен дух, може да се избори за својата слобода и независност. Нашата благосостојба зависи од нас самите. Лага е дека ќе бидеме изолирани, отфрлени и напуштени. Напредокот и просперитетот никој нема да ни го даде ако ние самите за нив не се избориме.
На Европа не ѝ требаме обезличени и со срушено човечко достоинство. Потребно е да градиме вредности кои ќе го унапредуваат нашиот секојдневен живот. Европа нема да ни даде на подарок уредена држава. Тоа е наша обврска и одговорност. Менувањето на името на државата е туѓ интерес, а никако наша потреба. Тие се доволно силни и на сила да нè преименуваат. Но, како и сите лицемери на овој свет сакаат овој срам да го натоварат за вечни времиња на нашите плеќи. Малата излезност на референдумот, особено во македонските средини, ќе прати силна порака во светот и ќе ги разобличи скриените намери на белосветските трговци. Македо
нија се покажа дека нема ниту еден искрен пријател од големите сили, вклучувајќи ја тука и Русија. И таа лицемерно игра на картата на своите интереси. Затоа, смирено, преку бојкот, да ја затвориме оваа црна страница од нашата историја. Со нашето бојкотирање на наместениот референдум ја спасуваме нашата иднина. Со ваквите наши постапки ќе се гордеат идните генерации Македонци и во наредните илјада години. Пред нашата генерација е исправено ова искушение, па затоа да бидеме спремни на сè. Тие нека си ја употребуваат својата сила, а ние ќе се приклониме кон нашиот праведен пркос и непокор. Би биле навистина среќни кога и другите националности би застанале во одбрана на Македонскиот народ. Нека бидат свесни дека и тие можат да бидат искористени за една употреба од силните на овој свет, кои воопшто не водат грижа за тоа, како по референдумот, комшија со комшија, пријател со пријател, трговец со муштерија меѓусебно ќе се погледне во очи.
Затоа, да се обединиме браќа и сестри и да си го зачуваме мирот и достоинството и конечно да почнеме да градиме едно праведно и просперитетно општество, кое ќе биде дом и татковина за сите нас. Да ги посрамиме корумпираните, наивците, профитерите, злобните и арогантните, кои сакаат да го преточат нивниот духовен мрак во сите пори на нашето општество. Заразни се овие луѓе, црнилата се нивниот занает и занимање. Нè држат во мракот на неинформираноста и нè потценуваат, умислувајќи, дека нивната пропаганда е делотворна. Полни се со омраза и егоизам, а зборуваат за здружување и интеграција. За нив нема ништо свето, освен стомакот и лагодноста. Срамот е емоција која никогаш ја немаат почувствувано. Газат преку живи луѓе за да го наполнат своето ковчеже со помалку од триесет сребреници. Се сметаат за многу паметни, а всушност се само обични наивни помодари. Немаат свое јас и достоинство, ниту имаат долго паметење, што е израз на нивната ниска интелигенција. Затоа, за нив зборот нема никакво значење и вредност. Време е целосно да ги препознаеме и да ги разобличиме. Ги има и во власта и во опозицијата, и меѓу учените и меѓу помалку учените. Време е да им покажеме каде им е местото како поука за идните генерации. Со општествени работи во иднина не смее да се бави никој кој е налик на денешнава политичка елита. Повторувам, бидете внимателни, сите се во игра и власт и опозиција. Сите сакаат да го натоварат Македонскиот народ со тешкото бреме на срамот од себеукинувањето. Но, силата е во нас, во секој поединец, без разлика на вера и национална припадност. Ние и понатаму ќе треба едни покрај други да живееме, а тие и така не се дел од нашиот свет, туку животарат во светот на илузиите и краткотрајните задоволства. Им посакуваме среќен пат во мочуриштето на нечесноста, а чесниот Македонски народ, како и другите чесни народи кои живеат во оваа наша татковина, ги повикувам да застанат на браникот на нашиот заеднички дом.
Бојкотот на престојниот лажен и погубен референдум нека биде почеток на една поинаква и просперитетна Република Македонија, која ќе биде поставена и втемелена врз принципите на законот кој произлегува од моралот и слободата. Нека засветли силно сонцето на правдата и нека изгрее од нашите срца светлината на меѓусебната почит и разбирање.
Познатиот Бошко Смаќоски ќе запише:
На многаја лета, древному народу МАКЕДОНСКОМУ!
На многаја лета, обесправеному народу МАКЕДОНСКОМУ!
На многаја лета, Божјему народу МАКЕДОНСКОМУ!
На многаја лета, благословеному народу МАКЕДОНСКОМУ!
На многаја лета, бесмертному народу МАКЕДОНСКОМУ!Господ Бог нека ја чува од секое зло нашата татковина Македонија и нека ја крепи и раководи при напредокот во секое добро.
Со Божји благослов, Митрополит Повардарски †Агатангел
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст