| четврток, 6 декември 2018 |

55 години по трагедијата во Кавадаречко: Земјата татнеше како да пукаат топови, лавината влечеше мајка со деца десетици метри

Се навршија 55 години од уривањето на ридот Градот и формирањето на Моклишкото Езеро. Историчарот Петре Камчевски за МИА појаснува дека на 5 септември 1956 година, во раните утрински часови во месноста Градот кај Моклиште, се случило големо тектонско поместување на земјата, кое предизвикало голема трагедија. Во таа трагедија загинаале 11 работници од земјоделските задруги во Ваташа, Дреново и Возарци, како и еден случаен минувач од село Долно Бошава.

Во несреќата биле затрупани и околу 1.500 до 2.000 овци и неколку грла крупен добиток. Веднаш по несреќата била формирана комисија од Државниот секретаријат за внатрешни работи. Таа до доцна вечерта испитувала како дошло до несреќата. Во соопштението кое го доставил, укажала дека несреќата се случила од природни причини.

Камчевски како хроничар на Кавадарци дошол до податокот дека ерозијата на земјата имала формирано една пукнатина длабока околу 100 метри. Геолошкиот состав на теренот овозможил подземните и атмосферски води што продреле низ пукнатината, да ја пореметат стабилноста на теренот, при што голема маса земја од околу 12 до 15 милиони кубни метри земја, се спуштила кон долината на реката Луда Мара.
Површината на свлечиштето изнесувала околу 1.000 метри во должина и околу 400 метри во широчина. Оваа огромна количина на земја ја затворила старата долина на Луда Мара и создала природна брана висока 30 до 40 метри. Стручната комисија утврдила дека е невозможно вадењето на затрупаните 11 работници и стадото овци, бидејќи врз нив имало повеќе од 200.000 кубни метри земја, а немало пат, било невозможно да се донесе соодветна тешка механизација.

– Во несреќата имало и неколку повредени, меѓу нив Магда Димова и Лазо Атанасов, кои заедно со нивните деца се враќале од Крњево за Кавадарци. Според раскажувањето на Магда, кај месноста Моклишки колиби земјата започнала да пука толку силно како да се пукало од топови. Тоа траело околу 10 минути, при што таа со децата била носена од земјата која се движела неколку десетици метри. Брат и Лазо успеал некако да и го земе детето, при што го спасил од сигурна смрт. Братот и чичкото на Магда цели два часа со голи раце ја откопувале кутрата жена, пренесува Камчевски.

Во групата од девет лица што се движела за Кавадарци биле и Ристо Камчев од Долно Бошава со својата ќерка и Никола Павлов, постар човек, кои оделе на пазар во Кавадарци.

– Ристо сакал да ја извлече својата мазга која била затрупана од земјата, одеднаш го проголтала лавина од земја и било невозможно да се спаси. За затрупаните овчари, ветеринарниот техничар М. Димитров и Ѓошо Бојаџиев, Никола Павлов раскажува дека можеле да куртулат ако оделе дваесетина метри погоре од местото на одронот. Повредените биле пренесени во градската болница во Кавадарци, раскажува историчарот.
Очевидец на настанот кај “Градот“ бил и Перо Хаџиев од Ваташа, кој заедно со брат му Душан береле круши за на пазар во Кавадарци.

– Откако брат му со товарот заминал, тој ги спрегнал воловите и започнал да ора на нивата. Некаде околу 5:30 часот започнал страшен пукот и земјата почнала да го влече заедно со воловите цели стотина метри. Само чудо го спасило од сигурна смрт. Тој има раскажувано дека говедата не сакале да се движат и биле многу нервозни, насетувајќи дека нешто страшно ќе се случи, вели Камчевски.

Уште наредниот ден местото на несреќата го посетиле високи државни, регионални и општински функционери, изразувајќи подготвеност да помогнат во санирање на последиците од несреќата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top