| четврток, 6 декември 2018 |

Функционер на СДСМ вмешан во „незаконски“ превоз на ученици во Берово

Фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица – подружница Берово на првиот училишен ден ги превезувала учениците од основното училиште Дедо Иљо Малешевски во Берово. Тоа фирмата го правела без склучен договор со училиштето и додека траел тендерот. Во фирмата вработен е претседавачот на Советот на Oпштина Берово од редовите на СДСМ.

Фирма Тритерол ДООЕЛ Струмица – подружница Берово се обидела незаконски да го преземе превозот со ученици во Берово. Тоа, според сознанијата до кои дојде Радио Слободна Европа, било организирано од страна на претседавачот со Советот на општината од редовите на СДСМ, кој е и вработен во фирмата.

Автобусите испишани со името на фирмата на првиот училишен ден на 3 септември на вообичаеното место ги чекале учениците од основното училиште Дедо Иљо Малешевски во Берово. Но, фирмата ги однела до нивната крајна дестинација без склучен договор и без дозвола од градоначалникот и додека траеле преговорите за тендерот за превоз на ученици.

-Во понеделникот на 3 септември тие без никаков тендер, без никаков договор почнаа да ги возат учениците во основното школо, вели претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берово, Никола Атанасов.

Сања Јакимовска, која е правник во фирмата Берово транс вели дека Тритерол делувал спротивно на законот.

-Tаквото нешто е недозволиво од причина што е спротивно на Законот за јавни набавки. Овој Закон децидно одредува дека не може и не смее по ниеден основ да се започне со извршување на предметот на набавката се додека постапката не е конечно завршена, вели Јакимовска.

Подружницата во Берово е дел од фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица, а нејзин управител е Лефтер Андонов, кој беше советник за транспортна политика во Kабинетот на премиерот Зоран Заев.

На автобусите на подружницата во Берово како контакт телефон е наведен телефонскиот број на претседавачот на Советот на општина Берово, Јован Матеничарски, кој доаѓа од редовите на СДСМ. Матеничарски е и претседател на општинската организација на СДСМ во Берово.

Според Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ, токму Матеничарски со вработен во училиштето, на кој му било ветено директорското место, на своја рака го организирале превозот.

-Тие двајцата преговарале и ја повикале фирмата да го врши превозот. Без знаење на директорката, без знаење на комисијата и мислам дека без знаење на градоначалникот. Тука очигледно е дека е некој договор во четири очи, додава тој.

Во членот 5 од Законот за спречување на судир на интереси е наведено дека службено лице не смее да влијае за донесување на одлука по јавни набавки или на кој било начин да ја користи положбата за да влијае за донесувањето на одлуката со цел да постигне приватен интерес или корист за него или за негови блиски лица.

Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ смета дека е недозволиво Матеничарски, како функционер на СДСМ, да биде и лице за контакт на фирмата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top