| четврток, 6 декември 2018 |

Слобода на избор

 Никола Србов

Притисокот кој власта го врши врз ВМРО ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски со цел децидно да повика и да се произнесе дали да се искочи на референдум или да се апстинира од гласање, е ништо друго освен симнување на одговорноста од свој грб. Многу е лесно да се заклучи дека Заев преку вака важно прашање за државата води дневна партиска политика.

И двете опции за кои вршат притисок врз ВМРО ДПМНЕ се добитни за владејачката партија, и оттука се гледа нивната малодушност, се гледа за какви цели го користат ова прашање кое е круцијално за Македонија.

Доколку ВМРО ДПМНЕ излезеше и ги повикаше граѓаните да излезат на референдум, тоа Заев ќе го искористеше за симнување на одговорноста од свој грб пред промената на Уставот правдајќи се дека „промената на Уставот е со национален и политички консензус“ и така одговорноста од својата погубна и невешта политика ќе ја дисперзираше врз сите граѓани и врз сите политички субјекти во Македонија. Со тоа, или сите ќе беа виновни, или немаше да има виновник. Оттука се гледа и „храброста“ на премиерот со која сакаат да го накитат владините гласноговорници, „храбар“ премиер кој својата вина ја префрлува врз граѓаните.

Доколку ВМРО ДПМНЕ излезеше со став за апстинирање од гласање на референдумот вината за неуспехот на истиот ќе беше фрлена врз ВМРО ДПМНЕ. Повторно ќе ги гледавме старите пароли испишани за ВМРО ДПМНЕ дека сака да ја изолира државата, дека не сака државата да чекори напред итн итн. Ова му беше потребно и за да го оправда личниот неуспех пред меѓународната јавност.

Вакво ситно и малодушно дневно меѓупартиско политиканство воопшто не личи на „херојство“, ова политиканство по принципот на „купи-продај“ не личи на мудра и државничка политика, ова личи на трговија на големо и мало.

Сликата за делувањето на политичките субјекти во Република Македонија е кристално јасна и граѓаните можат да видат чија политика оди во нивен интерес. Од една страна се оние кои сметајќи го народот за стока сакаат да му го купат гласот со некоја ситна награда која би ја доделиле газдите на компаниите во кои се вработени, а од друга страна се оние кои индивидуата ја искачуваат највисоко на пијадесталот давајќи ѝ ја во раце најмоќната алатка – сам да одлучи како ќе постапи, бидејќи тој, граѓанинот, е суверен во оваа држава. Секој од нас треба да одлучи како ќе постапи бидејќи со таа одлука и консеквенциите од истата ќе живееме сите ние.

ВМРО ДПМНЕ на граѓаните им ја понуди најмоќната алатка во едно плуралистичко општество, тоа е слободата на избор по сопствено убедување.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top