Постигнатиот договор со Грција за името, е најправична одлука, затоа што иднината и на Косово и на Македонија и на целиот реигон е ЕУ и НАТО. Косово ви дава целосна поддршка да се движите напред кон членството во НАТО и европската иднина.
Ова го нагласи на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, претседателот на Косово Хашим Тачи, кој се наоѓа во еднодневна посета на Република Македонија.
Тачи ги повика граѓаните на Република Македонија да учествуваат на референдумот и да гласаат „за“ затоа што, оцени, Македонија во НАТО значи мир во целиот регион, вклучувајќи го и Косово. За него, ова е историски момент што треба да се искористи.
- Остваривме средба како лидери на две држави што немаат отворени прашања, нагласи премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција.
Позитивните и конструктивни билатерални односи, и соработката на сите нивоа остварени досега,потенцира Заев, не охрабруваат да одиме чекор понатаму, да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебните односи.
– Такви можности се отвораат со заедничката поддршка за отворање на граничниот премин Белановце-Станчиќ, како и со неопходноста инфраструктурно поврзување какво што ќе се оствари со изградбата на делницата на автопатот Блаце-Скопје, изјави премиерот Заев изразувајќи убедување дека тоа ќе ја интензивира економската соработка и ќе го зголеми обемот на трговијата меѓу двете земји.
Според него, добар чекор напред ќе биде воспоставување на Мешовит комитет за економска соработка и други заеднички комитет за идентификување на дополнителни заеднички проекти, како и за градење заеднички стратегии за подобра интеракција помеѓу деловните заедници на двете земји.
Заев истакна дека еден од заедничките приоритети е и енергетско поврзување и енергетска соработка. Косовскиот лигнит за македонските компании како заеднички проект, е од особено значење. Истовремено, најави, Република Македонија ќе иницира изградба на гасовод за Косово.
Сите овие иницијативи, и многу други, беше речено на прес – конференцијата, ќе се најдат на дневниот ред на заедничка владина седница, која ќе се реализира наскоро.
Заев истакна дека важна и заедничка точка е и регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ и НАТО.
– Тоа е нашата стратешка определба за која веќе имаме потврдени позитивни искуства. Тоа е резултат на нашиот пристап во овој процес. Тој е многу отворен, конструктивен и искрен. Без никакви скриени агенди, подвлече претседателот на Владата на РМ, поздравувајќи го тековниот дијалог меѓу Приштина и Белград.
Напредокот во таа насока, вели Заев, е клучен за одржливата регионална стабилност и развој.
– Македонија го поддржува позитивното решение за Косово што ќе ја унапреди благосостојбата на Албанците, Србите и другите граѓани на Косово. Решение кое го зајакнува мирот, безбедноста и просперитетот на Косово, Србија и целиот регион, изјави македонскиот премиер. Многу е важно, повтори, лидерите во регионот да бидат обединети во истите цели: одржлив мир, економски развој, регионална соработка и членство во ЕУ.
Тачи, во таа насока, потенцира дека треба да се постигне историска спогодба и меѓу Косово и Србија, а што значи реципрочно признавање, а за тоа, рече, единствен пат е дијалогот.
– Спогодбата е многу тешко да се постигне, многу бариери. Јас сум оптимист, изјави меѓу другото Тачи, додавајќи оти ќе направи огромни напори да се постигне историска спогодба со Србија, со која ќе се зачува мултиетничноста, без решенија по етнички линии.
На новинарско прашање за демаркацијата на границите со Србија, Тачи уште еднаш повтори дека со дијалог треба да се постигне мирно решение, со дебати и компромис, во европски дух, а соседните пријателски земји ќе се чувствуваат „комотни“.
– Косово ги почитува територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји, Македонија, Црна Гора и Албанија, но со Србија треба да се заврши процесот за демаркација на 430 киломтери. Кога бев премиер, првата земја со која направивме демаркација беше Македонија. Дебатите и дискусиите не беа лесни но беа успешни, рече Тачи.
Одговарајќи на прашањето зошто нема да се сретне со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, претседателот на Косово меѓу другото истакна дека нема да зазема страна, а политиките не треба да се водат според, како што рече „политички шеми, туку според националните интереси интереси на двете држави и на граѓаните“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.