Осигурителната компанија „Триглав осигурување“ е нов спонзор на македонската машка кошаркарска репрезентација. Со нив денеска беше потпишан договор за соработка во пресрет на Европското првенство (ЕП) во Словенија во септември.
– Се надеваме дека со нашата поддршка ќе придонесеме кон остварување на што подобри услови за работа, а на македонскиот национален тим му посакуваме да постигне што подобри резултати – изјави Ѓорѓе Војновиќ, генерален извршен директор на „Триглав осигурување“.
Дејан Лекиќ, генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), е задоволен што кошаркарското семејство се проширува со уште еден голем пријател на спортот.
– Верувам дека оваа соработка ќе се продлабочи со нови идни проекти кои ќе ја поддржуваат кошарката во Македонија и дека заеднички ќе се радуваме на многу нови успеси – истакна Лекиќ.
Репрезентативците Перо Антиќ и Владо Илиевски на Војновиќ, кој е поранешен кошаркар и репрезентативец, му подарија дрес за подарок за соработката со „Триглав осигурување“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.