Фудбалската репрезентација на Македонија ја оствари и втората победа во Лигата на нации, совладувајќи го директниот ривал за првото место, селекцијата на Ерменија со 2-0 на арената „Филип Втори“. Клучен за триумфот беше капитенот Горан Пандев, кој изнуди пенал во 13.минута, а во 59.минута стрелаше прецизно во мрежата на Ерменија. Сигурен реализатор на пеналот во првото полувреме беше Езгјан Алиоски.
Нашиот национален тим покажа зрелост, игра на резултат и успеа да го добие значајниот дуел што не беше нималку лесно, посебно од психолошки агол. Ерменија е главниот наш конкурент за првата позиција во групата, која носи пласман во завршницата од Лигата Д во новото натпреварување на УЕФА. Ова е историска шанса за Македонија да оствари пласман на едно Европско сениорско првенство, конкретно во 2020 година.
Езгјан Алиоски уште во втората минута одлично изведе слободен удар, но голманот Арам Ајрапетјан успеа да одбрани и да исфрли во корнер. На спротивната страна се закани Барсегјан, но директно во Столе Димитриевски.
Во 13.минута, капитенот Горан Пандев беше соборен во шеснаесетникот на Ерменија, а Езгјан Алиоски беше успешен реализатор на најстрогата казна, за водство на Македонија.
По отворањето на резултатот, избраниците на Ангеловски малку подзабавија, чекајќи добра можност за повторно да го загрозат противничкиот гол, а тоа двапати од прекин го стори Енис Барди. Првиот пат не беше прецизен, а во 42.минута упати силен удар од 30 метри, но Ајрапетјан се истакна и одлично одбрани.
На стартот од вториот дел,голема кикс на Кире Ристевски, кој во 50.минута сакаше да ја врати топката до Димитриевски, но му ја остави на Хамбарџумјан, тој центрираше, и за наша среќа, не успеа да го погоди Барсегјан. Ќе беше тоа речиси сигурна мат – позиција пред нашиот гол.
Ги навлековме Ерменците да се подотоворат, а потоа една хируршки прецизна акција, и 2-0. Нововлезениот Трајковски ја измеша противничката одбрана по десната страна, испрати центаршут во петерецот, а капитенот Горан Пандев мајсторски се снајде и ја испрати топката во мрежата на Ерменија. Во 59.минута, Македонија го удвои водството.
Шест минути подоцна, Алиоски се реши за удар од 30 метри, но директно во противничкиот голман.
Ерменија тргна многу поконкретно кон голот на Столе Димитриевски дури по вториот примен гол. Геворг Газарјан во 70.минута со удар од 20 метри, го погоди дирекот од голот на Македонија. За среќа, топката од надворешната страна се одби во гол-аут.
Во 79.минута, Бобан Николов можеше и третпат да ја затресе мрежата на Ерменците, но беше за малку непрецизен. На крајот, заслужена победа на нашиот национален тим, два од два во Лигата на нации и одлична позиција за пласман во заврницата на новото натпреварување на УЕФА.
Извор: Екипа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст