| четврток, 6 декември 2018 |

Џонсон: Многу е важно за НАТО Македонија да стане 30-та членка

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со американскиот сенатор и претседавач на Комитетот за национална безбедност и на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика, Рон Џонсон со кого разговараше за политичките процеси во земјава како и подготовките за реализирање на претстојниот Референдум закажан за 30 септември.

На средбата во кабинетот на премиерот Заев, заеднички беше оценето дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја искористат можноста слободно да се изјаснат.

Сенаторот  Џонсон е„импресиониран од храброста, односно начинот на кој Македонија и Грција го решија повеќедеценискиот спор со потпишувањето на Договорот за името и стратешка соработка“. Тој ја пренесе силната американска поддршка, Македонија да стане 30-та членка на НАТО, како позитивен пример на одржување на добрососедски односи и соработка со другите земји во регионот, со оценка дека тоа дава нов импулс за зацврстување на јасната насока во која се движат земјите од Западен Балкан.

Премиерот Заев го информираше сенаторот дека пред претстојниот Референдум очекува и лидерите на опозицијата да ја прифатат поканата за учество и обединување и дека ќе го повикаат своето членство да излезе и да гласа за остварување на заедничката цел, евроатлантските интеграции.

-Резултатите од реформите се продукт на бескомпромисна политичка волја за трајни реформи. Нашите водечки вредности се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми, рече премиерот Заев, изразувајќи подготвеност за продолжување на клучните реформи за зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на безбедноста и разузнавањето и реформата на јавната администрација, со цел интеграција во НАТО и ЕУ.

По средбата со премиерто Заев во Владата на Република Македонија, во изјава за новинароте американскиот сенатор Рон Џонсон ги повика сите македонски граѓани да излезат да гласаат на референдумот на 30 септември, бидејќи Договорот од Преспа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО. Сенаторот Џонсон, кој утринава имаше средба со премиерот Зоран Заев во Владата, во неколку наврати повтори колку е важно граѓаните, без разлика дали го поддржуваат договорот или не, да излезат да гласаат и да кажат што мислат за решението на спорот за името што го договорија Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

-Исклучително важно е за Македонија и Грција да го решат спорот за името. Имаме двајца храбри лидери, двајца премиери, кои се најдоа во тешка позиција. Ние сигурно сакаме да го поддржиме решението на овој проблем и тоа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО. Би сакал Македонија да стане 30. членка на НАТО. Тоа е многу важно за НАТО и за безбедноста на балканскиот регионот и на Македонија. Ги охрабрувам сите Македонци да излезат да гласаат на референдумот, без разлика дали се согласуваат или не со договорот, мора да излезете да гласате и да им покажете на вашите лидери што чувствувате. Неверојатно важно е да излезете да гласате, изјави Џонсон.

Републиканецот од Висконсин е претседавач на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика во Сенатот и пред да дојде во Македонија беше и во Грција. Минатиот месец, тој во Сенатот предложи резолуција за поддршка на Договорот од Преспа.

Сенаторот Џонсон дојде во Скопје непосредно по посетите на германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во пресрет на референдумот за името на 30 септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top