| четврток, 6 декември 2018 |

Јани Бојаџи: Премиерот и министерот за култура „дадоа“ лиценца за моја ликвидација (видео)

Режисерот Јани Бојаџи кој деновиве добива закани од поранешната ОНА, апелира македонските власти запрат со обидот да ги контролираат идеите на уметниците. Човекот што ја доживува судбината на Макавеев, Менцел или Бродски вели дека се плаши, но дека нема да запре со тоа што го работи. Премиерот и министерот за култура дадоа лиценца за мое убиство и тие се лично одговорни за мојот живот порачува во драматичната порака до јавноста дека заканите по неговиот живот од страна на УЧК се сериозни и дека токму врвот на Владата со своето однесување придонел тој да се најде во таква ситуација. За него е нејасно како некој може да коментира филм без да во види.

– Во филмот 75 годишен човек, кој бил учесник во граѓанската војна во Грција, кој бил полковник во ДАГ, кој бил осуден на смрт и кој знае се за војувањето, ќе добие исклучително хумана лекција за животот од млад, 25 годишен Албанец, Ариф – објаснува режисерот Јани Бојаџи.

Немал намера да навреди никого, но нема ниту обврска како уметник никому да се извинува за неговата уметност, затоа што тој не зборува за народи или нации, туку за поединци, а луѓето што ги навредуваат Aлбанците треба да се бараат на друго место.

– Албанците ги навредува тој човек (министерот за култура Адеми) кој јавно тврди дека не го гледал филмот, а категоризира какво е. За мене е навредливо да признавате дека не сте гo гледале уметничко дело, а да заземате став за него и тоа став на омраза. Ова е толку сериозно и опасно, јас не знам до каде ќе стаса – вели Бојаџи.

Филмот „Ругање со Христа“ на режисерот Јани Бојаџи ја освои наградата за иновација на филмскиот фестивал во Монтреал. Филмот е во француско-македонска и грчка копродукција.

Министерот за култура, Асаф Адеми, претходно објави дека има забелешки за прикажувањето на војниците на ОНА во филмот како терористи и силувачи, што било оценето според гледањето на трејлерот. Од култура стигна и најава дека во иднина ќе се работи на закон со кој ќе се регулира што не може да биде предмет на филмски и други уметнички остварувања.

Министерот за култура Асаф Адеми не дојде на дебатата на оваа тема во „Отворено“ на Алфа ТВ, а поканата не ја прифати ниту Абедин Зимбери, екс командант на УЧК од Липково, кој поради филмот нема да работи на мир меѓу Албанците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top