| четврток, 6 декември 2018 |

САД ѝ доделија на Македонија неповратни средства од 23 милиони долари

Соединетите Aмерикански Држави ѝ доделија неповратни грант-средства од 23 милиони долари на Македонија. Средствата ќе бидат наменети за програми кои се однесуваат на подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, јакнење на граѓанското општество и подобра информираност на граѓаните, зајакнување на капацитетите на администрацијата и нa поголема вклученост на маргинализираните групи во општеството и подобар соживот.

– Со овие средства ќе се подобри пристапот до капитал на микро, малите и средни претпријатија, ќе се работи на подобрување на услугите и поддршката кои ги добиваат компаниите од институциите, како и на унапредување на бизнис климата. Микро, малите и средни претпријатија преку нови финансиски производи, како и обуки како да ги користат, ќе добијат подобар пристап до капитал, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Како што велат оттаму, грантот од 23 милиони долари ќе помогне и во јакнењето на капацитетите на институциите на централната и локалните власти, за да одговорат на потребите на граѓаните како и за да подобро ги искористат расположивите ресурси. Средствата ќе се искористат и за програми кои ќе овозможат подобра информираност на граѓаните.

– Дел од средствата ќе се наменат и за подобрување на социјалната кохезија преку поголема инклузија на маргинализираните групи и подобар соживот на граѓаните. Предвидените активности за да се постигнат овие цели се однесуваат на работа со централната и локалните власти, со младинските организации, улилиштата, кои ќе ја зголемат општата свест за овие клучни прашања, се вели во соопштението, во кое се додава дека крајната цел на овие грант средства е да се поддржи развојот на земјата во клучните сегменти на општеството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top