„Ве молам, не велете ‘браво за детето Марко што го преплива езерото’ …тоа не е дете. Тоа е маж. Мажиште“ – напиша познатиот македонски актер Рубенс Муратовски на својот фејсбук профил откако 12 годишниот Марко Пејчиноски на 28 август го преплива Охридското Езеро, односно должина од 25 километри. Да, Марко е дете, во душа, во срце. Но зад таа детска насмевка, зад тој невин детски поглед се крие маж. Се крие упорност, желба, решителност, храброст каква што недостига кај многу возрасни луѓе.
Марко не е само момчето кое го преплива Охридското Езеро. Марко е личноста која даде поттик на илјадници деца кои се соочуваат со проблеми. Марко е утеха, надеж за десетици илјади родители кои се борат за своите деца, за родителите кои понекогаш заглавуваат во своите мисли, во својот страв – дали се ќе биде во ред со нивните чеда… Марко им покажа дека надежта е последната која треба да се изгуби…
Така и го започнавме разговорот со Марко. Се сретнавме со него во кампот Градиште, каде беше со своите родители и куќни пријатели. Не пречека со насмевка на лицето, иако не криеше дека му се напорни интервјуата и разговорите со новинарите. Затоа и нашата средба беше повеќе муабет отколку интервју.
Скромните родители на Марко не сакаат да зборуваат премногу – велат ова е негов успех, не наш… Но Марко е искрен – без поддршката од мама и тато немаше да биде детето јунак. Подвигот на Марко не беше детски подвиг, не беше подвиг на 12 годишно момче. Беше подвиг на маж. Го запрашав дали е свесен дека е поттик и утеха за многу деца и родители кои се соочуваат со проблеми како неговиот или многу поголеми.
-Да, свесен сум. Мислам дека со самите пораки кои ги кажав им помогнав. И да не го испливав Езерото, пораката беше пратена. Во разговорите што ги имав посочив – никогаш не треба да се откажуваш! Тешко е, треба многу работа, но успехот доаѓа. Кога тогаш ќе ја оствариш целта! – вели Марко кој додава дека и тој се соочил со стравот дека веќе нема да биде како порано:
-Кога ми се случија здравствените проблеми помислив дека никогаш повеќе нема да биде како порано. Се плашев. Но со поддршката од родителите и мојата волја го надминав тој страв.
Марко бил дете кое од утро до мрак играло со топката. Но по проблемите кои се појавиле било неминовно да се најде начин да ја канализира таа негова енергија, пред сѐ заради младоста, годините кои ги има, а потоа и за килажата која почнала да се зголемува поради неактивноста.
Зошто се реши да го преплива езерото?! Марко не се двоумеше во одговорот:
-Сакав да им докажам на сите, но пред се самиот на себе да си докажам дека можам да го сторам тоа. Верував во себе. Со пливање започнав минатата година, откако поради проблемите престанав да играм фудбал. По совет на докторот и разговор со татко ми, почнав со пливање. Прво еден месец пливав во хотел Тино. Па чекав да дојде лето. Некако тоа ми стана интересно. Првично одевме на пливање откако татко ми ќе дојде од работа по час, часиполовина. Полека се појави поголема желба. Почнав да вежбам за малиот маратон. Па потоа добив желба за повеќе.
Хендикепот, односно инфаркт на коска, со која се соочил некаде во октомври 2016 година, и поради кој го напуштил фудбалот, денес не го сфаќа трагично. Му недостигаат и фудбалот и топката, но затоа пак се насочил кон нешто друго што вистински го исполнува и го прави среќен. Неговата желба била да плива на големиот маратон, но се откажал поради тоа што бил свесен дека ја нема брзината на маратонците.
-Маратонот е тркачки. Откако ќе заврши првиот, најмногу по еден час завршува и трката. Јас не сум толку брз – ни рече Марко.
На мојот коментар дека неговото време и не е така лошо со оглед дека некои маратонот го завршија за речиси осум часа на лицето се појави скромна насмевка.
Активно со тренинзи за препливување на Езерото започнал на 15 октомври. Во базенот во Хотел Тино испливал 296 километри во периодот до 15 јуни. Вклучувајќи го пливањето во езеро и во отворен базен за осум месеци младиот јунак испливал 450 километри. Работел напорно, со желба и ентузијазам. И како што самиот кажа – со многу работа целта е остварена.
Позитивните реакции на луѓето кои го застануваат на улица и му честитаат му годат. Ги има видено повеќето коментари на социјалните мрежи. Го запрашав што ти остави најмногу впечаток?
-Коментарот на актерот Стрезо – Јас на 12 години скокав шајка од мост, овој го преплива езерото.
Сите честитки му се драги, сите зборови му значат. Сепак кога инсистирав да издвои дел од нив, ги издвои честитките од познатиот маратонец Дики Бојаџи и од претседателот Ѓорге Иванов. Споменот од овие средби е некако најдраг.
Неминовно беше да го прашам за маичката која ја носеше на средбата кај Иванов со натпис „До целта со најјакиот“. Вели тоа било изненадување од мама, тато и бато на денот на пливањето.
Здравствената состојба на Марко е подобра. Болките се помали, стадиумот на јадење на коската е завршен, времето е она кое ќе покаже како понатаму ќе се реагира. Сега ќе започне со дополнителна влошка за да се израмни висината.
Кога ќе видит Богородица како пливам ќе го смирит езерото
За Денот Д кога Марко го преплива Езерото разговарав и со пријателот на Пејчиноски кој случајно се затекна на нашиот разговор. Тој не ја крие среќата и возбудата од успехот на Марко:
-Марко има толку голема храброст, за него нема страв. Сме шетале со кајче по езерото. Кај него нема овде е длабоко, не можам. Длабочината на езерото не претставува проблем. Тој го преплива езерото на поголема длабочина од маратонците, кои одат поблизу до крајбрежието. Марко не размислува каде е, нема страв и фобија. Знам маратонци кои се плашат од тревите во езерото. Кај него тоа нема. Какви бранови имаше дента, а ова к’нево (покажувајќи кон Марко) рече одам. Стоевме сите, се мислевме дали треба да плива. Дуваше силен ветар, Бевме во тренерки. Притисокот што му го вршевме дека временските услови не се добри не влијаеше кај него. Докторот го праша ќе пливаш – тој без размислување „ќе пливам“. Се вџашивме. Особено неговата мајка. И велевме, не се секирај, ќе се откаже. Го носевме во глава цело време… Марко од дома го имаше победено првиот предизвик. На мајка му и кажал „ќе се тресит езероно јас кога ќе влезам и јас ќе го смирам“. Познавајќи го колку е брлив во позитивна смисла, знаев дека за него нема водена бариера.
Мајката на Марко уште од самото утро се обидувала да го предомисли Марко, сметајќи дека временските прилики не се наклонети за ваквиот подвиг на нејзиниот син. Но коментарот на Марко бил:
-Кога ќе видит Богородица како пливам ќе го смирит езерото…
Тој порачал: Ќе видит езерото што ќе го снајдит.
И го снајде. Вели: бев решен, немаше дилема. На почетокот кога тргнав малку се замислив… Потоа немав никаква дилема.
Родителите имале дилема. Се подзамислил и докторот Горан Балев кој бил присутен за целото време додека Марко пливаше. Но токму и докторот е тој кој го охрабрил младиот пливач да тргне.
-Докторот Балев е легенда на охридското поднебје. Тој дава максимална поддршка на се што е вклучено во спортски активности во Охрид. Беше моја лична желба да присуствува. Успеавме да го убедиме дека Марко може тоа да го направи и побаравме тој да биде присутен на настанот. До една недела пред пливањето не знаеше дека ќе плива. Балев ни порача дека пливањето е најдобро за него и имаше удел во одлуката да почне Марко со пливање – вели таткото на Марко.
Откако Марко го преплива Езерото, кога пристигнал на целта, докторот ги направил потребните испитувања за да се види во каква состојба е неговиот организам. Коментарот на д-р Балев бил: Сите здравствени параметри се супер. Нема параметар што покажува исцрпеност. Детето е во топ форма, како да нема пливано.
На шега го прашав Марко да му речеа- ајде сега назад, дали ќе влезеше во вода. Тој без двоумење: ДА.
Марко даде добар пример дека не смее децата како него да останат незабележани. Државата треба да се замисли за ваквите талентирани деца и за условите кои тие ги имаат за тренинг и напредок. Марко е Личноста на 2018 година – за мене нема дилема! Тешко дека некој ќе го надмине неговиот спортски подвиг, но и пораката која тој ја испрати.
Марко има свои планови. Има желба и за Ла Манш, но има време… Ние немаме право да очекуваме ништо од Марко. Имаме право да му посакаме само среќа и да му дадеме поддршка секој во својот домен и во своите можности. А Марко!? Марко е јунакот! Што и да реши, што и да направи, тој е нашиот херој!
Разговараше: Билјана Бабиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст