| четврток, 6 декември 2018 |

Каракачанов: Национален интерес ни е да нема граници меѓу Македонија и Бугарија

„Ние сакаме Македонија да биде слободна, нормална држава и луѓето од Македонија и од Бугарија да комуницираат нормално и спокојно. Да нема граници меѓу Македонија и Бугарија! Тоа ни е националниот интерес, тоа се и заветите на Тодор Александров и на Даме Груев. Денес на ова место се Бугари од двете страни на границата, што е показател дека иднината на двата народа е заедничка“, изјави бугарскиот министер за одбрана и лидер на софиската ВМРО, Красимир Каракачанов, на вчерашното одбележување 94 години од убиството на водачот на организацијата Тодор Александров, кај неговиот гроб во мелничкото село Сугарево.

Потпретседателот на бугарската Влада испрати и порака до Македонија „да не мислат дека ќе ја туркаат старата политика на поделба“, извести весникот „24 часа“.

„Не секогаш ние од ВМРО сме наидувале на разбирање на нашата политика. Со години наназад, во времето на бившата власт во Македонија на ДПМНЕ, го надградуваа митот за македонската нација, ја фалсификуваа историјата и секој што се чувствува Бугарин во Македонија не можеше да го изјави тоа слободно. Не мислете дека сега, откако има договор за добрососедство, нештата, едноставно, ќе си останат по старо, а ќе правиме заедно само заеднички чествувања. Ако раководителите во Македонија си мислат дека, со оглед на тоа што имаат поддршка од ЕУ, можат да ја вратат старата политика, да знаат дека тоа нема да се случи. Грешат жестоко. На Балканот руско-српското влијание налага стари шеми. Затоа треба да ја поддржиме Македонија“, изјави Каракачанов.

Покрај него, на настанот присуствуваа и министерот за животна средина Нено Димов, европратениците Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев, пратеници од ВМРО, градоначалникот на Сандански, Кирил Котев итн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top