| четврток, 6 декември 2018 |

Близнаците Тео и Тони останаа без леб, немаат ни патики за првиот ден на училиште

Близнаците Тео и Тони заедно со своите баба и дедо кои живеат во руинирана куќа во Долно Лисиче во Скопје, се уште се без основни услови за живот. Побарале од институциите да им дадат минимална помош, но од барањето реализација нема.

Вчера нивната баба преку луѓето кои им помагаат повторно побара помош за децата.

– Немаат патики за првиот ден на училиште, вчера немав ни леб да им купам, кажала жената барајќи очајно помош за дечињата.

Тие и се внуци кои откако родителите им се развеле, ги оставиле кај бабата и дедото да се грижат за нив. Дедото иако инвалид и не гледа на едното око е заминат во Словенија за да работи како градежен работник, но бидејќи пари пушта преку сметка, до бабата на близнаците не стигнува денар. Сметката им е блокирана и сите пари им ги задржува банката поради огромни долгови за струја. Во меѓувреме, на бабата која им е единствена помош на близнаците и се разболела и нејзината ќерка која од Штип е донесена во болница во Скопје, но таа не може ниту да ја посети.

Ова четиричлено семејство финансиски опстанува само доколку некој од соседите ги повика бабата и дедото на Тео и Тони да работат за дневница на нива или некоја друга земјоделска работа. Немаат струја од 2014 година. Најтешко им е во зимо кога бараат по отпади фрлени прозори врати или други дрва за да се загреат.

Приказната за близнаците беше објавена во медиумите пред неколку месеци, но институциите не успеаја да им помогнат овие две деца.

За сите оние кои сакаат да помогнат, на децата им се потребни патики број 38, а за подетални информации може да се обратат на телефонскиот број на бабата на Тео и Тони – 077 857 906.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top