| четврток, 6 декември 2018 |

Не може Заев да се прикажува за европеец, кога е фатен на дело како бара поткуп

-Она што тие сакаат сега да го направат е да искреираат една лажна надеж, поставена на погрешни основи. Тие сакаат да верувате дека сега нешто треба да “подголтнеме”, за да утре одиме напред, за да се реализира сето она што како природен порив толку многу и недостасува на нашата земја, за да во економијата ни тргне, за да здравството се подобри, образованието унапреди, земјоделието потпомогне. Тоа е исто како некој да ви даде пари за да градите куќа, но ако ги згрешите мајсторите залудно е, труло е. Парите ќе ги потрошите, дом ќе немате – нагласи лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на големиот сенароден марш на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според него има нешто што се вели фактор време, а овие петнаесет месеци СДСМ покажале дека оваа влада ќе се запамети како убедливо најлошата.

-И кога така декларативно, гласно се удираат во гради, велат ЗА Европска Македонија, знаете дека со овие луѓе и нивниот капацитет всушност ви презентираат уште една голема лага во низата, како онаа за 500 евра плата, за поврат на ДДВ, за 500 км автопатишта, за зголемени пензии. Надежта за иднината која ја продаваат, за да ја манипулираат сегашноста. Докажано е дека со овие луѓе нема иднина, нема европска иднина, тоа го покажува и периодот изминат.

Не може да велите дека сте за ЕУ, а државата да ви е прогласена за најкриминална во Европа и тоа да е констатарано од Советот на Европа. Не може Заев да се прикажува за европеец, кога е фатен на дело како бара поткуп, а претходно е аболиран за случај тежок 8.5 милиони евра.

Не може да велите дека сте за ЕУ кога ги гушите основните слободи и права. Ако се побуните против сечата на дрва ќе ви пратат багери да ве газат, како оние на Водно, ако политички опонирате со аргументи одма се монтира случај и ве викаат на распрашување, ако си ја сакате државата, веднаш ќе ве опфатат со случајот за 27 април, па може и терорист ќе ве направат.

Во ЕУ нема друг случај каде пратеници, уметници и обични луѓе се во затворите и одговараат за тероризам кој не се случил, нема друга опозиција која не е толку жестоко под притисок со загрозени права и слободи. Нема случај на така брутална политичка сегрегација и поделба на граѓанското ткиво.

Во Европската Унија нема афери, тендери од по 35 милиони евра кои ќе се доделуваат на фирми штотуку регистрирани, ниту пак тендери кои како ланец се префрлаат од ќерката директор, на таткото бизнисмен, или пак криминални иновации кои се параван за делење на државни пари на приватни фирми на луѓето од власта. Го нема тоа во ЕУ, не се тоа европски вредности. Престанете да го лажете народот, вие сте криминалци и сакаат да го прикријат криминалот со ЕУ и НАТО – рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top