| четврток, 6 декември 2018 |

Коригирани учебниците по математика, природни науки, биологија, хемија и физика за новата учебна година

Дваесет и два коригирани учебника за учебната 2018/2019 ќе достави Министерството за образование и наука низ училиштата. Сите коригирани учебници се набавени во целосен тираж, така што секој ученик ќе има нови и коригирани учебници. По првпат од оваа учебна година сите учебници што МОН ги обезбедува бесплатно за учениците истовремено ќе бидат во слободна продажба и тоа со истата цена по која Министерството ги откупува.

Ова се дел од конкретните активности кои ги презеде МОН заради обезбедување што подобро и поквалитетно образование за сегашните и идните генерации на ученици, а кои денеска на прес-конференција ги презентираше ресорниот министер Арбер Адеми.

Станува збор за учебниците по математика од прво до деветто одделение (девет учебници), природни науки од прво до шесто одделение (шест учебници), биологија од седмо до деветто одделение (три учебници), хемија од осмо до деветто оделение (два учебника) и физика од осмо до деветто одделение (два учебника).

Тој посочи дека сите ученици од прво, второ и трето одделение ќе имаат нови комплети учебници секоја учебна година.

– Во делот на средното образование, во тек е процесот за изготвување нови 31 учебник за стручно образование. Од оваа година за првпат се воведува италијанскиот јазик како втор странски јазик, потенцира Адеми.

Директорката на Педагошката служба, Вања Велева рече дека повикувајќи се на измените во Законот за учебници во основното и средното образование иницирани од Владата, а усвоени од Собранието, се овозможени интервенции на најмногу до 30 отсто од содржината на учебниците.

– Целокупниот процес почна со спроведување анкета низ училиштата преку која добивме првичен сигнал за конкретните потреби од промени низ содржините на одредени учебници. Нашата примарна задача, сите заедно да придонесеме за квалитетно образование, е и ќе биде приоритет на оваа Влада и на МОН, истакна Велева.

Таа посочи дека во постапка за печатење се и 20 други учебници од кои дел се одобрени и првпат ќе бидат печатени, а за дел од нив треба да се формираат авторски тимови бидејќи на конкурс не се пријавил автор по конкретниот предмет.

– Во средното гимназиско образование ќе се пристапи кон дополнување на потребниот тираж од учебници, а во среднотп стручно образование на повидок се учебници што за првпат ќе бидат печатени зависно од динамиката на постапката за нивно одобрување, додаде Велева.

Магдалена Влаисављевиќ, член на Комисијата за биологија за седмо, осмо и деветто одделение, рече дека во учебниците се коригирани правописни грешки, грешки при превод, а дел од корекциите биле од стручен аспект каде имало објаснување на поими или одредени процес односно стручни поими кои недостигаат, а се вградиле во учебникот со цел ученикот тој процес да може полесно да го сфати.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку средства се потрошени, министерот Адеми рече дека потрошиле 40 проценти помала вредност за секој учебник кој е набавен во целосен тираж споредено со ланската цена.

– За учебниците за учениците во прво, второ и трето одделение одиме со целосен тираж и 22 учебници кои веќе се коригирани и таму одиме со целосен тираж. Секаде каде одиме оваа година за првпат со целосен тираж, ние плаќаме 40 проценти помала вредност од ланската цена. Но, и оваа заштеда не е повеќе значајна од целта која ја постигнавме, нашите деца да учат од поквалитетни учебници. Тука не застануваме ќе продолжиме и натаму, тек сме почнале со овој процес на коригирање учебници, имајќи предвид дека многу значајно е да имаме квалитетни учебници и квалитетна содржина во нив, истакна Адеми.

Министерот Адеми пред прес-конференцијата одржа средба во Владата со претставници на издавачки куќи, автори, како и членови на комисии и претставници на здруженија на наставници кои учествуваа во креирањето на измените во учебниците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top