| четврток, 6 декември 2018 |

Одбраната на Груевски бара изземање на судечкиот совет на Апелација

Судечкиот совет на Апелација донесе одлука да се одржи јавната расправа за случајот „Тенк“ и покрај неприсуството на адвокатите на обвинетиот Никола Груевски. Тие се присутни на рочиште за насилствата во Собранието на 27 април, поради што беше побарано одложување на денешната расправа.

Во нивно име се обрати адвокатот Стерјо Зиков, кој му е бранител на кообвинетиот Ѓоко Поповски и побара судот да ја преиспита одлуката.

– Доколку не се овозможи бранителите на Груевски да бидат присутни на седницата, со тоа сериозно се загрозува правото на одбрана, рече Зиков кој побара заеднички да најдат термин, со цел непрекинато да се одвива седницата.

Откако сето тоа беше одбиено, Зиков поднесе писмено барање потпишано од сите пет адвокати на одбраната со кое се бара изземање на овој судечки совет со кој раководи судијката Цветанка Периќ. Во моментов Апелација го разгледува барањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top