| четврток, 6 декември 2018 |

Правдата загрозена, нема фер судење: Политичката кампања на судот ја парализира одбраната на обвинетите од СЈО

Барањето за поголема динамика на предметите што ги води Специјалното јавно обвинителство од страна на специјалната обвинителка Катица Јанева е насочено кон кршење на основните права на обвинетите и на бранителите во постапките што ги води ова јавно обвинителство, реагира одбраната на обвинетите во случаите на СЈО.

Дека на одбраната не ѝ е овозможено да формира сериозна и ефективна одбрана во овие предмети потврдува адвокатот Боро Тасевски, кој вчера, заедно со обвинетиот Никола Груевски, мораше да се појави на две рочишта закажани во исто време во различни згради на судот. Тоа, според него, е невозможна работа.

-Никола Груевски мораше да присуствува на рочиштето за предметот т.н. „Општина Центар“, а во исто време беше закажана и јавна седница пред Апелацискиот суд по неговата жалба во предметот „Тенк“. Груевски избра да присуствува на судењето за „Насилство во Центар“, а ние како бранители од страв можеме да бидеме казнети доколку предизвикаме одлагање на вакво рочиште поучени од примерот од претходниот ден кога не беше прифатено одлагање на рочишта поради преклопување на термини и имаше казнување на бранители, истакна Тасевски.

Со ова паѓа во вода тврдењето на Кривичен суд дека Судот ги почитува правата на странките и „прават распореди за судењата за да имаат доволно време да подготват одбрана, но и судењето да биде во разумен рок“.

Кривичниот суд ѝ возврати на специјалната обвинителка Катица Јанева, која јавно ги прозва и рече дека предметите на СЈО се во втор план во Кривичниот суд, барем по интензитетот на процесите и бројот на закажани рочишта и мора да се забрза темпото иако според неа, „не постои ризик од застарување“.

Од Кривичниот суд истакнуваат дека само во текот на септември 2018 година, од 20 работни дена, во 19 од нив се насрочени расправи за 16 различни предмети по кои постапува Специјалното јавно обвинителство, а воедно термините се усогласени за да ѝ се  овозможи доволно време на одбраната да се подготви.

„Има обвинети кои се опфатени и во 5 предмети на СЈО и дека за нив не може да се закажуваат повеќе рочишта во ист ден,  но иако некои обвинети имаат повеќе адвокати доволно е на рочиште да присуствува барем еден“.

Од одговорот на Кривичниот суд, дека од 20 работни дена, во 19 се расправа за 16 предмети на СЈО, дел од обвинетите лица, според поднесените обвинителни акти на СЈО, се јавуваат како обвинети во повеќе предмети, а само еден од обвинетите е опфатен во пет различни предмети, станува јасно дека се работи за прекршување на правата на обвинетите и бранителите да формираат сериозна и ефективна одбрана во овие предмети, затоа што не може одбраната да се изнесува во трчање, туку дека е потребна подготовка за рочиштата.

Она што наведува дека Судот тенденциозно води политичка пресметка со обвинетите во случаите на СЈО е и фактот што веќе двајца бранители, Димитар Дангов и Боро Тасевски, се казнети со висока глоба затоа што не можат истовремено да присуствуваат на две рочита.

Дангов е казнет за отсуство на рочиште за „Титаник 2“, кој поради „27 април“, предмет на ОЈО, не присуствуваше на предметот на СЈО, а Тасевски, пак, не присуствуваше на рочиште на „ТНТ“, зашто во исто време беше ангажиран на уште еден предмет на СЈО, „Тенк“.

Судијката Добрила Кацарска на судењето во издвоената постапка за предметот „Тенк“
ѝ се закани на ексминистерката Гордана Јанкуловска дека ќе ги казни и двајцата бранители, Сања Алексиќ и Боро Тасевски, со висока глоба ако не се појават на рочиштето, кои во тоа време се ги бранат и обвинетите во предметот „Насилство“, каде што тече испитувањето на сведокот од СЈО.

За потсетување, судијката Кацарска во јуни, пред породувањето на Јанкулоска, обвинета во „Тенк“, рече дека ова е последен пат да одложува рочиште и ѝ се закани на одбраната дека како мајка, како жена, ќе почитува 45 дена од породувањето, па закажа термини за рочитата на Гордана Јанкуоска до крајот на октомври, иако не ѝ се верувало дека до тогаш ќе трае предметот „Тенк“:

29.06. 04.07. 05.07. 09.07. 12.07. 13.07. 29.08. 30.08. 04.09. 05.09. 10.09. 12.09. 14.09. 17.09. 18.09. 20.09. 24.09. 26.09 .27.09. 01.10. 03.10. 05.10. 08.10. 10.10. 12
10. 15.10. 18.10 19.10 24.10 26.10.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top